Ајџан Маликоска: Ќе бидам докторка која нема да дискриминира
Чекав во ходникот, пред ординацијата на мојот матичен лекар и како да знаев дека тој ден ќе го паметам цел живот. Покрај мене имаше уште едно ромско семејство, со мало дете кое имаше покачена телесна температура. Ми беше јасно дека животот не ги галел, а освен болното дете, беа присутни и неговите братчиња на чии лица забележав изнемоштеност и страв. Пристигна една госпоѓа, очигледно подобро ситуирана од нив по што веднаш излезе медицинската сестра и jа пречека со насмевка, не обрнувајќи му внимание на малото дете на кое му требаше помош. Тие беа на ред, но ги остави да чекаат со изговор дека дамата е блиска пријателка на докторката и дека ќе излезе за кратко. Поминаа 30 минути. Семејството сè уште чекаше, а детето почна да плачe. Се појави сестрата, ги предупреди да бидат потивки, состанокот бил важен, се работеле извештаи и важни клинички случи. Забележав дека ништо не им беше јасно на родителите. Ако им се брза, нека си заминат, им рече таа, и онака секој ден доаѓаат Ѓупци и прават врева.
Целата ситуација силно ме повреди, посакав да можев нешто да направам. Иако сè уште бев дете, знаев дека нешто не е како што треба. Ме болеше неправдата која ја трпеше мојот народ. Токму тој настан беше една од главните причини да се запишам на Медицинскиот факултет во Скопје, зашто и ден-денес верувам дека можам да ја исправам неправдата колку што сум во можност и да покажам дека и Ромите можат да бидат успешни, дека треба да бидат прифатени од околината и дека заслужуваат еднаков третман во здравствените установи.
За мене студирањето на Медицинскиот факултет е повеќе од учење и полагање бидејќи имам должност преку мојот позитивен пример да создадам нови пријателства со студентите, идни лекари, и преку заедничката успешна работа да ги променам негативните ставови за Ромите во здравството. Здравјето е на прво место! Свесна сум за проблемите и предизвиците со кои се соочува ромската заедница во општеството. Вклучувајќи се во активности за решавање на проблемите во мојата заедница, ги увидов пречките со кои се соочуваат Ромите. Животот во заедницата ми покажа дека имаат ограничен пристап до јавните институции и општествениот живот, а неприфаќањето и непочитувањето кон Ромите и натаму е честа појава кај здравствените работници.
За промена на негативните наративи потребна е посветеност на здравствениот работник кој ќе биде свесен за социјалниот статус на своите пациенти, ќе зборува на јазик разбирлив за нив, ќе гради блиски односи со нив, ќе сочувствува со нивните проблеми, но и ќе биде дел од нивното секојдневие така што ќе стане дел и од нивните среќни и свечени моменти. Верувам дека успешниот доктор не е задолжен само да ја излечи физичката болка на пациентот, туку и да се однесува со почит кон сите подеднакво и да му овозможи сигурност, добар однос и соработка.
Токму таква докторка тежнеам да бидам.
Свесна сум дека ваква докторка не се станува преку ноќ, дека ќе треба да вложам многу време и труд. Но јас ќе си го следам својот сон и еден ден ќе бидам докторка која за разлика од медицинската сестра тој далечен ден, нема да ги дискриминира своите пациенти.
Ајџан Маликоска, од Прилеп, студентка на Медицинскиот факултет во Скопје