Возило за брза помош само ако имаш пари, ако не, не можеме да дојдеме!
„Е.Д. има 42 години, Ром е и живее во Штип. Неговата социо-економска состојба е навистина тешка. Невработен е, не користи социјална парична помош и секојдневно бара различни начини за да заработи за да обезбеди храна и греење. Живее со својот татко кој има 64 години и е во тешка здравствена состојба поради што му е неопходен целодневен надзор и лекување.
Еден ден Е.Д. излегува во град за да заврши некоја обврска. Состојбата на татко му се влошува и добива повик итно да дојде или да повика итна помош. Е.Д. вознемирен, веднаш се јавува во Брза помош и им образложува што се случува. Поради тоа што Е.Д. не го владее добро македонскиот јазик, вработениот во Брза помош препознава дека е припадник на ромската етничка заедница при што веднаш го прашува : „Имаш пари да платиш за комбето? Доколку имаш, ќе тргнеме веднаш. Доколку немаш, не можеме да дојдеме. Неможеме нон-стоп со вас Циганите да се расправаме!“ По ова, Е.Д. повторно се јавува и моли брзата помош да дојде бидејќи неговиот татко се наоѓа на под и тешко дише. На ова, вработениот одговара: „Извини, но немаме слободно комбе.“ Револтиран од ова, Е.Д. веднаш оди во Општината и директно разговара со Градоначалникот на општина Штип. Градоначалникот веднаш се јавува во брзата помош и им дава наредба да отидат. За неполни 2 минути, комбе на Брза помош било слободно и се упатило кон нивната куќа. “
Секој од нас, па така и Ти, го уживаш основното човеково право да добиеш еднаков пристап, еднаков третман и ефикасна здравствена заштита при секоја промена на твојата психо-физичка состојба, согласно Уставот на Република Македонија. Но, дали досегашната практика го потврдува ова? Дали сите граѓани што живеат на територија на Република Македонија добиваат еднаков третман, без разлика на бојата на кожа, полот, етничката, политичката или каква било друга припадност? Дали сè уште веруваш дека НЕ постои дискриминација во здравствените установи? Каков е пристапот спрема граѓаните коишто се припадници на маргинализирани групи?
Ромите се меѓу најмаргинализираните и најдискриминираните групи во македонското општество. И ден-денес, дел од многуте причини поради кои тие не добиваат квалитетни услуги и еднаков пристап во здравството се сиромаштијата, ниската свест и едукација за здравјето и немањето лична документација.
Примерот со Е.Д. е само еден од многуте дискриминаторски случаи кај нас. Споделените искуства укажуваат дека Ромите најчесто се соочуваат со дискриминација при посета на доктор. Неретко слушаат и дека „Ромите морале да се искапат и да се погрижат за личната хигиена“, дека „Ромите не се вакцинираат редовно”, дека „Ромите земале лекови на своја рака“. Ваквите негативни ставови и мислења директно влијаат врз квалитетот на услугите и врз пристапот до здравствено осигурување и здравствена заштита.
Доколку државата сака сите нејзини граѓани да бидат еднакви, постојат начини како тоа да се постигне!
За подобрување на пристапот и намалување на дискриминаторскиот однос на здравствените работници кон ромите, неопходни се следниве работи:
- Да се организираат обуки за персоналот кој работи во здравствените установи за заштита на Ромите од нееднаков третман и дискриминација при користење на здравствени услуги.
- Да се подобри комуникацијата и довербата помеѓу оваа група на граѓани и работниците.
- Да се спроведат програми за информирање и подигање на здравствената свест кај ромското население, собирање на точни информации за состојбата на имунизација и вакцинација на Ромите.
- Да се креира систем за водење здравствена статистика за потребите на Ромите и програми за репродуктивно здравје. Доколку се спроведат овие методи, ромската заедница ќе ужива еднакви права во општеството!
Што да сториш доколку се соочиш или сведочиш на дискриминаторски однос и нееднаков пристап спрема припадници на маргинализирани групи од страна на вработени во здравствените установи?
За заштита на своите права можеш да се обратиш со жалба (како еден од правните лекови) до Директорот на здравствената установа, Советникот за заштита на правата на пациентите во болниците, Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Министерство за здравство, да поднесеш претставка до Народниот правобранител на РМ или пак до Комисијата за унапредување на правата на пациентите во Општината, а за поддршка можеш да се обратиш и до Иницијативата на жени од Шуто Оризари.
За Авторот:
Јосиф Рашидовски од Штип, дипломиран правник, работи како Асистент во Здружението за правата на Ромите од Штип (ЗПР Штип).