Закон за прекинување на бременоста: Сама одлучуваш бидејќи најдобро знаеш!
Во мај 2019 година се донесе новиот Закон за прекинување на бременоста за кој 6 години активно се залагавме. Сè уште жалиме за штетите кои ги причини претходниот закон (2013) за женските права и здравје и едновремено се надеваме дека никогаш повеќе нема да се вратиме чекор наназад кон груба злоупотреба на правото и навредување на интегритетот и достоинството на жената како човечко битие.
Зад себе ги оставаме сложените административни процедури кои жената требаше да ги помине во болницата во која побарала абортус, задолжителното чекање од 3 дена по советувањето од лекарот кое беше наведувачко и имаше за цел да ја предомисли жената од абортусот, наведувајќи и чувство на вина за нејзината одлука. Повеќе не постои ниту комисија која одлучува што е најдобро за жената во периодот од 12-22 гестациска недела. Дополнително, се воведува медикаментозен абортус кој, освен хируршкиот метод, ќе биде уште една опција во раната бременост.
Сега, секоја жена слободно одлучува дали продолжувањето на бременоста е вистинската опција за неа. Со Новиот закон за прекинување на бременоста:
- Се укинува задолжителното пристрасно советување. Ќе бидете советувани за текот на процедурата и очекувањата потоа, од медицински аспект и само доколку сакате. Ако сметате дека немате потреба од било какви информации поврзани со абортусот, слободно одбијте ги. Советувањето повеќе не е услов за извршување на абортусот.
- Се укинува тридневното чекање по советувањето. Одлуката за абортусот не е лесна, а дополнително ќе се отежни доколку чекате во неизвесност. Очекувајте абортусот да се изврши без одложување. Никој нема право од вас да бара истек на рок.
- Не треба да го докажувате својот социјален статус за да можете да абортирате – доволна ќе биде вашата лична изјава за социјалната состојба. Доколку сте се одлучиле на абортус поради социјално-економски причини, немате обврска да прибирате документи за да го докажете својот статус.
- Во случај на силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавање, не треба да прибирате документи од МВР и ОЈО за да го докажете делото. Доволна е вашата изјава за абортусот да се изврши.
- Се укинува првостепената комисија во болниците за одлучување за абортус меѓу 12. и 22. недела од бременоста. Повеќе нема да морате да чекате најмалку 7 дена пред да ви биде одобрено барањето за абортус од комисијата, а болницата ќе треба да ви ја даде услугата за најмногу 3 дена. Крајната одлука е ваша, без оглед на мислењето на гинекологот кај кого сте се обратиле за абортус или на мислењето од вториот специјалист, кое гинекологот може да го побара. Болницата е должна да го изврши абортусот доколку тоа е вашата одлука.
- Абортусот до 9. недела од бременоста ќе може да се изведува со соодветни лекови и во гинеколошките ординации. Освен во болниците, абортусот ќе биде дозволен и во гинеколошките ординации кадешто ќе се врши со помош на лекови и под наздор од гинекологот, со што оваа услуга ќе стане попристапна за сите.
За дополнителни информации поврзани со постапката за прекинување н бременост, ви стоиме на располагање. Контактирајте не преку:
Телефон: +389 (0)2 3290 395; е-пошта: hera@hera.org.mk
[1] Текстот се однесува на Законот за прекинување на бременоста кој стапи на сила на 30-ти мај 2019 година (Сл. Весник на СРМ бр. 101/19 од 22.05.2019 година).
За авторката:
Росана Богатинова, правна советничка и проектна координаторка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување