Пациентите се целосни личности, а не болни тела
Здравствениот систем е еден од најкомплексните системи во една држава. И покрај тоа што кај нас се вложуваат напори за да стане компатибилен со здравствениот систем на ЕУ, сепак, во голем број случаи тој потфрла во задоволување на потребите на пациентите. Македонскиот здравствен систем е навидум еднакво достапен за сите граѓани на оваа држава, а сепак голем број маргинализирани групи секојдневно се соочуваат со дискриминација. Eдни од клучните обележја на функционално здравство се транспарентноста и еднаквиот третман кон сите пациенти, без разлика на нивните лични карактеристики. За жал, кај нас тој третман сèуште не е во целост постигнат.
Ромите, како најранлива етничка заедница во оваа држава, поради долгогодишната континуирана системска дискриминација со која се соочуваат, често наидуваат на нееднаков третман во здравствените институции. Тоа негативно се одразува врз нивнотото здравје, не само на индивидуално ниво туку и на ниво на целиот етникум. Кај ромската популација е измерена повисока стапка на хронични заболувања, како и пократок животен век за цели 10 години во споредба со мнозинското население, што не е бројка за занемарување (Елена Ќосевска, Здравјето и здравствената заштита на Ромите во Р.Македонија, Институт за јавно здравје на РМ, 2012). Состојбата е особено загрижувачка кај стапката на доенечка смртност, која е значително поголема во однос на другите етникуми, а истовремено е повисока и од просекот на државата (Доенечка, перинатална и мајчина смртност во Република Македонија, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, 2016 и Здравјето на мајките и децата во Република Македонија, Институт за мајки и деца, 2017)
Постојат различни видови пречки во пристапот на Ромите до здравствените услуги-социјални, економски, па и физичка оддалеченост од институциите. Дури и да се надминат сите наведени, сепак останува невидливата бариера во односот лекар-пациент, многу често во форма на прикриена дискриминација. За успешност во поставување точна дијагноза, подготвеност за прифаќање совет и придржувањето до некој третман, од голема важност е квалитетот на воспоставениот однос меѓу пациентот и лекарот. Голем број од жалбите на пациентите се насочени кон проблемите во комуникацијата, на пример: неразбирање, недоволно посветено внимание од страна на лекарот, кратки консултации, долго чекање. Дел од овие проблеми може да се должат и на јазичната бариера, но не ретко се резултат на дискриминација од страна на лекарот. Не треба да се заборави дека сепак пациентите кои доаѓаат да бараат лекарска помош се ранливи, во тој момент беспомошни и поради тоа природно е да очекуваат поголемо разбирање. Според досегашните истражувања (Hall, Down, Buller, Buller, Bush, според Banyard, 2002) техничкиот квалитет на давање здравствена услуга се проценува како помалку значаен од начинот на нејзиното давање, кој во себе вклучува одредена емпатија, топлина и љубезност.
Многу често, задоволството на пациентот во голема мера се разликува од лекарката проценка. Понекогаш пациентите се прељубезни за отворено да го искажат своето незадоволство, а лекарот не е ни свесен како влијаел со својот однос. Можеби и најголемиот ризик што го носи несоодветното однесување на некои од лекарите кон пациентите Роми, е што таквиот став кон пациентот потоа инхибиторно влијае на нивната следна посета на лекар, односно се случува пациент од ромската заедница да не посети лекар иако е нужно, и тоа поради претходно доживеаната дискриминација и непријатно искуство. Токму ваквите ситуации претходат на гореспоменатите податоци за здравјето и животниот век на Ромите.
Кај пациентите кои се среќаваат со дискриминација, се бележи зголемено ниво на стрес, анксиозност, намалена самодоверба, намалена самопочит и нарушена комуникација лекар-пациент. Проблемот станува уште поголем кога поединци Роми се членови и на уште некоја маргинализирана група, на пример корисници на дроги или СР (сексуални работнички/ци). Тука постои т.н. двојна дискриминација (истражување: Унапредување на правото на пристап до социјални и здравствени услуги за Ромите што употребуваат дроги-ХОПС Опции за здрав живот Скопје, април 2011).
Во зависност од времетраењето, но и од личноста на пациентот, психолошките ефекти може да преминат во психосоматски симптоми како што се главоболки, хипертензија, кардиоваскуларни заболувања, стомачни тегоби, што повторно создава потреба за одење на лекар, а со тоа и повторна можност за соочување со дискриминација. До некаде, проблемот лежи и во тоа што некои од лекарите се сметаат за техничари со медицинска стручност, кои им пристапуваат на болести и на дијагнози, а не на луѓе, на целосни личности. Дискриминацијата воопшто, условува еден магичен круг на негативни последици, односно причинува затворање на ромската популација и интензивирање на нејзината недоверба кон сервисите во целост. За жал, во секојдневието се среќаваме и со гротескни состојби во кои Ромите се обвинувани, а нивните етнопсихолошки карактеристики се наведуваат како причина зошто не е овозможена соодветна услуга.
Прв чекор во решавање на ова сложено прашање е конкретно лоцирање на причините за проблемот. Потоа, информирање на пациентите преку каналите за комуникација кои им се ним достапни, за нивните права и обврски во рамки на здравствениот систем. И на крај, подигање на свесноста кај лекарите за нивната обврска да го најдат најсоодветниот начин за прилагодување кон потребите на пациентите.
За авторката:
Миа Костовска од Скопје. Своето формално образование го заврши на Филозофскиот факултет при УКИМ, на Институтот за психологија. По завршувањето на студиите го продолжува образованието преку едукација за клиничка невропсихологија и невропсихолошка дијагностика при центарот „Когниција“.