Хусеини: Тажно е што сè уште немаме ромски театар или културен дом

(Интервју со Џенгис Хусеини, дипломиран актер.)

Какви се твоите  почетоци поврзани со актерството?

На 10-годишна возраст се запишав во аматерско драмско студио, а ментор ни беше професионалниот актер Сабедин Селмани. Можам да кажам дека уште како дете имав играно во многу претстави.

Кога одлучи професионално да се занимаваш со актерство и глума?

Да бидам искрен, одлуката ја донесов уште како дете. Тоа беше единственото нешто што ме исполнува кога го работам, така што, по завршувањето на средното училиште се запишав на Драмскиот факултет за уметност во Тетово.


Кои се твоите најинтересни моменти од некоја претстава, проба или сличен настан?

Еден ден, имавме проба и се подготвувавме за претставата „Хамлет” од Шекспир. Двајца од колегите пред да дојдат на проба беа на свадба и беа под влијание и еуфорија од свадбата. Интересно беше што истите двајца тој период се подготвуваа за изведба и на друга претстава и во текот на целата проба ги мешаа ликовите и ги глумеа оние од другата претстава. И тоа беше навистина смешно за нас останатите, но беше малку збунувачки за професорот.

Дали ти претставува предизвик тоа што си еден од малкуте Роми дипломирани актери?

Да се биде актер, општо е тешко во оваа наша држава. Можете да замислите како е да бидеш Ром актер. Целиот студиски циклус ми беше на албански јазик, а тоа беше дополнителен предизвик за мене, да учам на јазик којшто не го познавам доволно. Додека моите колеги и колешки одеа на одмор, јас одев на интензивен курс по албански јазик, но сега сум побогат за уште еден јазик.

Која е твојата мисија како актер Ром?
Мојата мисија е да ја подигнам свеста кај мојата заедница, да посетуваат театарски претстави и да знаат повеќе за културата. Тажно е што сè уште немаме ромски театар или културен дом, но се надевам дека тоа ќе се случи во блиска иднина и ќе бидеме горди на тоа што го постигнавме.

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »