Дали сите треба да знаеме латински за да преживееме?

Што се случува доколку се упатиме некаде за да добиеме повеќе информации, но не ја разбираме терминологијата на различни поединци и групи, по што имаме нејаснотии и недоумици? Ова е секојдневие во нашата држава. Честопати луѓето шетаат како „муви без глава“ бидејќи постои јазична пречка којашто предизвикува низа проблеми. Овој проблем е особено изразен во здравствените установи, каде што неретко настанува вистински хаос и шетање по ходници, чекалници и ординации, додека на пациентите им се утврди дијагнозата, која впрочем и кога ќе ја добијат, често самите тие не можат да ја прочитаат ниту разберат.

Денес ќе пишувам малку повеќе за Ромите и здравството преку конкретен пример којшто им се случи на семејство примател на социјална помош. Родители се упатија на лекар поради скршеница на раката на нивната 10-годишна ќерка. Покрај тоа што чекаа речиси 2 часа за да влезат во ординацијата на лекарот, прегледот траеше многу кратко, по што лекарот ја кажа фрактурата на латински, без да ја објасни опасноста на повредата, последиците, процесот на опоравување и им даде упат за во друга здравствена институција. Родителите останаа со многу неодговорени прашања по средбата со лекарот, а ќерката остана со болката. Не го потпрашаа докторот за дополнително објаснување бидејќи кај нив се појави срам, поради нивната социјална положба, недоволното познавање на македонскиот јазик, нискиот степен на образование, но и поради воспоставениот авторитет на лекарот.

Неретко, кај пациентите постојат вакви бариери кои во комбинација со незаинтересираноста на дел од лекарите и нивното непрепознавање на вакви случаи, можат да доведат до фатални последици.

Настрана од ова, дополнителен проблем којшто произлегува од оваа кратка случка е и фактот што лекарите не можат доволно да им се посветат на пациентите поради преобемната административна работа. Недоволното посветено време на пациентите од страна на лекарите, долгите процедури на закажување преглед, долгото чекање за закажаните прегледи кај специјалистите – кое може да биде дури и фатално по здравјето на пациентот – придонесуваат за поголемо незадоволство на пациентите.

За доаѓање до решение на овој проблем, потребно е работење и со лекарите и со пациентите. Пациентите, доколку не ја разберат дијагнозата, третманот, но и самиот речник на лекарот, треба да се поттикнуваат преку неформални работилници одржани од невладините организации кои се занимаваат со здравство и ромските иформативни центри, како и од самите здравствени установи да прашуваат, да добиваат објаснувања, бидејќи станува збор за нивното здравје, а степенот на образование и недоволното познавање на јазикот во никој случај не смеат да бидат препрека. Треба да се работи на информирање на пациентите и на нивното основно здравствено образование. Ова може да се постигне преку социјални кампањи за важноста на дијалогот лекар-пациент, поставување на постери во чекалниците за правата на пациентите и процедурите во здравствените установи, стрипови без текст кои можат да бидат разбрани од пациентите со понизок степен на образование, месечни информативни средби со лекари и здравствени работници за запознавање со различни заболувања во рамки на просториите на локалната самоуправа, теренска работа за информирање на пациентите и поддршка при остварувањето на нивните права, итн.

Од друга страна, потребна е поголема информираност и ажурност од страна на лекарите  и здравствените работници кои преку различни обуки треба да се запознаат со историјата, културолошките карактеристики и традицијата на целната група со којашто работат. Потребно е да имаат неформални средби со пациентите преку кои ќе се зголеми довербата, трпението и емпатијата меѓу нив, но треба да имаат и основен увид во степенот на образование, социоекономскиот статус, навиките и јазиците кои се говорат во општината во која работат, сè со цел да го адаптираат својот начин на работа на потребите на граѓаните.

Најпосле, докторите се оние без коишто не би можеле да функционираме, но треба повеќе да внимаваат при користењето на стручни термини бидејќи не секој може да ги разбере. Информациите и советите коишто им ги даваат на пациентите треба да бидат поразбирливи, со поедноставен народен јазик за да може да им користат на пациентите. Пациентитте пак, треба да прашуваат, доколку не ги разбираат дијагнозите, советите и препораките без разлика на својата социјална положба и нивото на образование бидејќи здравјето секогаш треба да е приоритет.

Aвторката:   
Сибел Бајрам, дипломиран преведувач за англиски и француски јазик, работи како наставничка по англиски јазик во ООУ „26 Јули“- Шуто Оризари.

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »