Во Виница здравството не е ничија привилегија

Јас ќе речам, не може секој да биде здравствен работник. Треба пред сѐ да ги сакаш луѓето, да сакаш да помагаш без да чекаш „благодарам“.

Јас сум Милица Божиновска и во ромското маало во Виница како патронажна сестра работам повеќе од 27 години. Секое семејство го познавам како дише, кога ја добиле својата прва радост, а таа радост пораснала, па сега можеби има и 26 години. Порано работевме како моновалентна патронажна служба и се грижевме само за мајките и децата, а сега сме поливалентна со стручен тим од две патронажни сестри и една акушерка, се грижиме за целото население со акцент на ромското население.

За многу случки од мојот работен век и пракса можам да зборувам. Еве не знам ни од каде да почнам, ниту која случка да ја изберам. Случајот со Џулиета секогаш ќе ми биде пред очи затоа што е посебен и со еден ангажман средивме многу работи. Џулиета беше мајка на близначиња која живееше кај свекрвата, која беше многу стара и не можеше многу да и помогне на својата снаа. Сопругот на Џулиета беше во Германија на привремена работа, семејството собираше пари за изградба на детска соба, купатило и мaшина за перење. Џулиета беше многу вознемирена, близначињата плачеа заедно во еден глас, имаа грчеви во мешињата. Ѝ објаснивме на младата мајка, ги свртевме бебињата на меше, ѝ покажавме како да ги масира и да бидат со полесна облека. Меѓутоа, додека бевме таму забележавме дека бабата е бледа и дека е видно возбудена и исцрпена. И пријдов со нежен и сестрински глас: „Дај тетке да ти го измериме притисокот.“ Таа се бранеше и инсистираше да се погрижиме за малите бебиња. Кога виде дека близначињата се смирија, дури тогаш дозволи да и го измериме притисокот. Притисокот беше превисок. Ја прашав: „Тетке, суво ли ти е грлото?“ „Леле“, рече бабичката, „сум заборавила да земам инсулин цел ден.“ Сега сѐ ми беше јасно. „Не се секирај“, ѝ реков „ќе дојдат од Здравствениот дом да ти пружат мала интервенција, не е ништо страшно.“ Веднаш се јавив во итната помош и дојдоа за 10 минути. Докторот ја прегледа и итно ја пренесоа во болницата во Штип. Баба Неџмија беше навистина бледа и изнемоштена, немаше примено никакви лекови два дена, сосема заборавила.

Следниот ден ме викна докторот од Итната помош и ми кажа: „Милке ова беше како во последен момент, среќа што сте отишле за бебињата, сте ја спасиле бабата. Многу е важно покрај бебињата и старите лица да ги контролирате, на сите помагајте, ова е ваш реон сакам да знам за секој човек во каква состојба е.“ Се насмевнав и реков: „Докторе, ние не ги делиме луѓето, на секој гледаме да помогнеме, ниту ни е важно кој од каква националност е.“ Се насмевна докторот и рече: „Знам Милке, само сакав да те пофалам и да те охрабрам да продолжиш со твојата работа.“

Си ја зедов торбичката и со колешката се упативме кон ридот. Секој ден носи нова приказна и знам дека и денес ќе сме му некому потребни. Јас во суштина ги сакам луѓето и луѓето ме сакаат мене. Тоа најдобро го слушам по патот додека чекорам „Добар ден, тетка Милке, може ли да те прашам нешто?“ Се насмевнувам како и секогаш „Повели злато, како можам да ти помогнам?“

 

Милица Божиновска

Патронажна сестра

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »