За проектот
Од секојдневната работа, во текот на спроведувањето на проектите поврзани со промената на негативните наративи за Ромите, како и обезбедувањето на полесен и поквалитетен пристап до здравствени услуги за пациентите Роми, беше забележано дека сè уште постојат бариери во комуникацијата меѓу здравствените работници и Ромите и дека пациентите Роми сè уште се соочуваат со дискриминација, што директно влијае на пристапот и квалитетот на добиените и понудените здравствени услуги.
Оттаму, ние од граѓанската организација Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија, решивме на креативен начин да му пристапиме на овој проблем и заеднички да работиме на промена на нивото на емпатија кај здравствените работници од една страна и кај ромската заедница од друга. Односно, преку промена на наративите кон пациентите Роми, и на Ромите кон докторите, да се подобри комуникацијата и нивото на соработка меѓу нив.
Само заедно можеме да ги промениме нештата!
Тоа е мотото кое нè води во нашите настојувања заеднички да ги промениме комуникацијата, ставовите, однесувањето, квалитетот на услугите и конечно, да ја подобриме соработката и да ја зголемиме доверба. Заедно да создадеме нови приказни во здравството. Преку прикажување на приказни, настани, ставови и искуства, од двете страни, од страната на докторите и од страната на Ромите, да покажеме кои се добрите практики, но и да укажеме што е она што уште треба заеднички да го менуваме. Преку создавање на нови приказни од амбулантата, да создадеме и нови практики во здравството!