Вистинска сторија: Се изложив на неприфаќање и срам, но сепак бев одлучна

Силвана Сали има 40 години[1]. Нејзиниот животен пат воопшто не бил лесен, таа е трета ќерка, израсната во скромно семејство. Потребата да ѝ помага на својата мајка во извршувањето на домашните обврски, како и финансиските потешкотии со кои се соочувало нејзиното семејство биле причините поради коишто Силвана не успеала да го заврши ниту основното образование.

На 18 години стапила во брак, а денеска е мајка на 3 малолетни деца на возраст од 8 до 17 години. Силвана е невработена, а најголемиот дел од времето го поминува дома, пред сè поради потешкотиите кои ги има во одењето, поради што и користи ортопедски помагала, а нејзиниот сопруг, исто така има инвалидитет на левата рака. Покрај нејзините деца и сопругот, таа живее заедно со нејзината свекрва, а семејството преживува од социјалната парична помош и од туѓата нега која ја добива свекрвата на Силвана.

Поради ситуацијата во која се наоѓаат, Силвана и сопругот не планираат проширување на семејството. Прават сѐ што можат за да им обезбедат основни услови за живот на нивните три деца. Сепак, надвор од планираното, сомневајќи се во бременост поради доцнење на менструалниот циклус, Силвана купува тест за бременост кој ја потврдува бременоста. Веста  веднаш му ја соопштува на сопругот.

Силвана се советува со нејзиниот сопруг, ја анализираат нивната финансиска состојба, потешкотиите со кои се соочуваат и сите напори кои ги прават за нивните три деца да го завршат образованието. Потенцијалната обнова во семејството и предизвикот да му се обезбедат минимум услови за развој на новороденчето, Силвана и сопругот го проценуваат како неостварливо нешто.

Таа одлучува да абортира. Но, тогаш почнува нова битка  поради тоа што Силвана ги нема потребните средства за да се изврши абортус. Бидејќи абортусот е скапа интервенција, особено земајќи го предвид фактот што единствените приходи кои ги остварува семејството се надоместоци од социјална заштита, таа е принудена да бара заем од нејзиното подалечно семејство. За да ги добие тие средства, таа е принудена безброј пати да ја повторува својата приказна и својата одлука, притоа добивајќи различни совети од нејзините роднини од кои бара финансиска помош. Изложувајќи се себеси на срам и неприфаќање, но истрајна во намерата, Силвана ги добива потребните средства и го извршува абортусот. Таа останува одлучна од почеток до крајот, поради тоа што знае дека ја донела вистинската одлука.  Сепак, до денеска, не може да се помири со фактот дека барајќи средства за абортус, била принудена да открива интимни детали од својот живот и да слуша совети од луѓе кои едвај ги познава. Се надева дека ниту една жена нема да го помине истиот пат на очај и срам, и дека ќе може доверливо и достоинствено да носи одлуки за својот живот.

[1] Името кое се споменува е измислено. Сите останати податоци се точни и потекнуваат од вистинска приказна

За авторката:
Бежика Асан, Иницијатива на жени од Шуто Оризари

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »