Д-р Андоновски: Откако му го спасивме животот, секојпат се расплакуваше од благодарност
Од кога почнавте да работите во општина Шуто Оризари? Колку вработени имате денес, колку пациенти?
Со работа во Приватна здравствена установа започнав пред 17 години, во далечната 2002 година како прв вработен лекар, а со текот на годините прераснавме во поголем колектив кој опфаќа повеќе гранки од медицинската дејност: општа медицина, стоматологија, кабинет по интерна медицина и лабораторија. За здравјето и психо-физичката благосостојба на околу 9000 прикрепени матични пациенти на општа медицина и околу 7000 пациенти на стоматологија се грижи персонал од 10 лекари, меѓу кои има стоматолози, биолог, медицински сестри и техничари и помошен персонал, специјалист по интерна медицина и Семејна медицина.
Какви искуства имате од работењето со пациенти Роми?
Како и во животот, така и во работата, се сретнуваме со убави и помалку убави моменти, весели и тажни.Но,без разлика од каде доаѓаат, на кој јазик говорат, сите пациенти доаѓаат со проблем и бараат помош. Она што можам да го издвојам е дека, во принцип, пациентите од ромската популација соработуваат во текот на целиот процес на лекувањето и медицинскиот третман.
Се сеќавате ли на Вашиот прв пациент?
Секако, ниту еден лекар не може да го заборави својот прв пациент. Тоа е една посебна поврзаност што трае со години. Мојот прв пациент беше Џ.Б., кој тогаш имаше 16-17 години, а денес е среќно оженет и татко на 2 деца). Во емотивен момент скршил чаша и си ја имаше испосечено дланката. Во обид да го запрат крварењето неговите другари со најдобри намери му ги затвориле раните со тутун. Повеќе од 2 часа му ги чистев раните, вадејќи ливче по ливче, две недели му ги преврзував и чистев раните и по некое време се санираа со едвај видливи лузни и без последици по функционалноста.
Од досегашните искуства со пациенти Роми, кое нема да го заборавите? Кое Ви оставило силен впечаток?
Многубројни се, а особено драги ми се ситуациите кога дечиња кои сум ги лечел пред 15-16 години, ќе ми пријдат и ќе ми ги претстават сега веќе нивните деца. Драги ми се и моментите кога во тешки животозагрозувачки или безживотни состојби, со брза реакција или упорна реанимација успешно сме ги стабилизирале или враќале назад. Најголем впечаток ми остави случајот на повозрасен пациент, на околу 55-годишна возраст, кој доживеа инфаркт и падна во клиничка смрт буквално пред врата. Реанимирав околу 45 минути бидејќи сите возила на Брзата помош беа ангажирани, по што доби срцева акција и веќе дишеше кога стигна Брзата помош и го транспортираше до Кардиологија. По две недели излезе од болница и на секое доаѓање на преглед во наредните години, се расплакуваше од благодарност. Оттогаш се поминати 15 години. Пациентот почина пред неколку години од карцином, но ќе се сеќавам на него додека сум жив.
Дали со некој од пациентите се дружите/дружевте и надвор од ординациите?
Секако дека во текот на работата се зближувате со луѓето, заедно ги поминувате и убавите и тажните моменти, дечиња ви подаваат рачиња и ве гушкаат, ве канат на веселби . Радо сум присуствувал и на веридби и на сунети, а за жал и на погреби…
Имаат ли Вашите колеги негативни ставови кон ромската заедница? Како реагирате, доколку има?
Досега сум немал ниту еден негативен коментар или забелешка ниту од пациентите, ниту од моите колеги меѓу кои има Македонци, Албанци, Роми, Бошњаци, Власи, муслимани, православни, католици и атеисти. Оние исклучително ретки зајадливи дофрлувања, од страна на нестручни луѓе, но и од страна на наши пациенти, се резултат на предрасуди, стереотипи и недоволно познавање на културолошките карактеристики на сите кои живеат и работат околу нас.
Како долгогодишен лекар кој работи со ромската заедница, што би им препорачале на младите лекари кои сè уште немаат искуство со пациенти од различни етнички заедници?
За среќа, често сум во контакт со млади лекари и специјалисти. Имено, установата во која работам е акредитирана установа во која се врши пракса на студенти по медицина од V година, се обавува стаж во рамки на специјализацијата по семејна медицина и се врши практично полагање на завршниот државен испит за здобивање со лиценца за работа. Она што постојано им го повторувам е дека преку внимателно слушање, разбирање на околината, учење за културата на сите етникуми и групи, во комбинација со стекнатото професионално искуство и знаење, успехот е неизоставен – а успех е психофизичката благосостојба на пациентите. Впрочем, самиот избор на оваа благородна дејност за животна определба и професија треба да го чинат луѓе без предрасуди и стереотипи. Со други зборови, лекар се раѓа, не се создава.
Интервју со Д-р Горан Андоновски