Како да побарате заштита од дискриминација пред Народниот правобранител
Голем дел од Ромите во нашето општество се соочуваат со сиромаштија која ги турка на работ од секоја сфера на живеење. Предрасудите и говорот на омраза кон нив ја поттикнуваат нетрпеливоста и водат кон нееднаков пристап до добра и услуги и нееднаква можност за уживање на правата подеднакво со сите. Пристапот до правда е значително отежнат, имајќи ги предвид сите овие фактори, но тоа дополнително ја влошува нивната состојба. Томку затоа, ги охрабруваме граѓаните Роми да побараат помош кога ќе оценат дека нивните права се повредени само поради тоа што се Роми, поради нивната боја на кожа или социјален статус.
Една од институциите која ги штити правата на Ромите од дискриминација е Народниот правобранител. Оваа институција постапува во случај кога дискриминација се врши од страна на органите на државната управа и од други органи и организации кои имаат јавни овластувања. Надлежностите на Народниот правобранител не се однесуваат на случаи кога дискриминација вршат приватни физички или правни лица кои немаат јавни овластувања. Во тие случаи, надлежност за постапување има Комисијата за заштита од дискриминација.
Постапката пред Народниот правобранител се покренува со поднесување на претставка која содржи податоци за подносителот, негов потпис, како и информации за фактите и околностите поради кои подносителот оценил дека е дискриминиран. Исто така, во претставката се наведуваат податоци за лицето против кое се поднесува претставката и дали досега подносителот веќе реагирал до некоја институција, како на пример, до суд, Комисија за заштита од дискриминација, надлежен инспекторат и тн. Подносителот на претставката е ослободен од плаќање такси за постапката пред Народниот правобранител.
Во рок од 15 дена од поднесувањето на претставката, Народниот правобранител има обврска да го извести подносителот дали е е покрената постапката за случајот кој го иницирал.
Откако Народниот правобранител ќе ги прибере сите информации кои му се потребни за да констатира дека кон подносителот е сторена дискриминација, ќе донесе препорака, мислење, предлог и начин за отстранување на повредата. Има надлежност да покрене постапка и пред јавното обвинителство доколку се работи за кривично дело, да иницира дисциплинска постапка против службено лице, како и да предложи повторно да се спроведе одредена постапка.
Мислењата, препораките и предлозите на Народниот правобранител се наменети да извршат влијание врз постапувањето на органите на државната управа, а исто така, позитивното мислење на Народниот правобранител може да се користи во судски и други постапки за утврдување повреди на права.
На следниот линк имате можност директно да поднесете електронска претставка до Народниот правобранител:
http://ombudsman.mk/MK/podnesi_prestavka.aspx
Доколку ви се потребни дополнителни информации околу постапката за утврдување дискриминација или имате потреба од поддршка во вашиот случај, слободно обратете се на: Е-пошта: hera@hera.org.mk или на телефонскиот број: +389 (0)2 3290 395
За авторката:
Росана Богатинова, правна советничка и проектна координаторка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување