На терен со делчевските аниматори и фасилитатори
Правото на здравје и здравствена заштита не смее да биде привилегија само на одредена група на граѓани. Од досегашното функционирање на здравствената програма на НВО КХАМ од Делчево како главни бариери на ромската заедница во пристапот до здравствените услуги се посочуваат неинформираноста, ниското ниво на образование и лошата социо-економска состојба на самата заедница. Сето ова бара дополнителен теренски ангажман сѐ со цел заедницата дополнително да се зајакне и мобилизира. Токму од тие причини, на терен во Делчево, Виница и село Црник активни се обучени аниматори и фасилитатори.
Улогата на аниматорите е најпрво да ги измапираат најзагрозените локации каде Ромите се соочуваат со здравствени и други социјални предизвици, а потоа и да овозможат влез во самата заедница за да се прибираат потребните информаци. Всушност, аниматорите се луѓе од самата заедница кои се прифатени од истата и носат исти или слични вредности. Дополнително, аниматорите ја информираат заедницата за услугите кои можат да ги добијат преку канцеларијата на КХАМ во Делчево, но и организираат маалски средби на кои се дискутира за проблемите кои ги засега населението во самото маало. На тој начин, се дефинираат проблемите и врз основа на тоа се организираат посебни едукативни работилници со конкретна тема на кои предавачи се здравствени професионалци.
Фасцилитаторите се обучени Роми во областа на здравствената заштита, правата на пациенти и правата од здравственото осигурување и ѝ помагаат на заедницата во надминување на проблемите. На тој начин се подобрува комуникацијата со здравствените професионалци, се бараат решенија за проблемите и се зголемува довербата во здравствените институции.
„Ништо не можеме да подобриме за Ромите, без самите Роми да учествуваат во акцијата“, ни порачуваат аниматорите од КХАМ – Делчево