Нема квалитетна здравствената услуга без квалитетна комуникација

На ден 13.5.2019 година (понеделник), во просториите на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје се одржа  третата форум-театарска претстава насловена „Дали факултетот вака нè учи?” во рамки на проектот „Промена на негативниот наратив кон Ромите во здравствените установи” што го спроведува ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија.

Целта на театарската претстава беше да се прикаже состојбата со пристапот на припадниците на ромската заедница до здравствени услуги во земјата. По секоја од сцените следуваше дискусија, а студентите имаа можност да застанат на сцена и директно да ги менуваат случувањата преку покажување на посоодветно и поприфатливо однесување.

На пациентите им требаат повеќе информации, без разлика, дали станува збор за тоа колку време треба да чекаат кога лекарот мора да се посвети на административните работни задачи или информации за нивните права – истакна студентка на Медицинскиот факултет во Скопје.

Студентите ја искористија и можноста да влезат во една од улогите на форум-театарот и покажаа изразени меѓучовечки вештини за справување со конфликтните ситуации кои ги очекуваат по завршувањето на студиите. Тие ја истакнаа и важноста на квалитетната комуникација и позитивниот однос на релација пациент-здравствен работник и сметаат дека е тоа основата за воспоставување на доверба.

Форум-театарските претстави се одржуваат во рамки на овој проект веќе четири години и имаат за цел преку креативен пристап да ги менуваат наративите кај здравствените работници. Годинава, фокусот е ставен на студентите на медицинските факултети како идни здравствени работници, а покрај претставата во Скопје, беа одржани и форум-театарски претстави во Битола и Штип.

Заклучокот беше дека е неопходно да се работи на промена на наративите кои владеат за ромската заедница, бидејќи сè уште постојат ситуации во кои Ромите се соочуваат со отежнат пристап до здравствените услуги. Поради тоа, се истакна и потребата од зачестување на креативни настани од овој тип заради поголемо сензитизирање на идните здравствени работници за овозможување на еднаков пристап до здравствени услуги за сите граѓани.

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »