Николовска: Треба да ги пријавуваме оние кои ги прекршуваат правата на пациентите

Интервју со Симона Николовска, генерален секретар во Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА).

Што ѝ е во фокус на работењето на Македонската медицинска студентска асоцијација?

– Асоцијацијата е најстарата медицинска студентска организација во Македонија: постои 72 години колку што постои и Медицинскиот факултет во Скопје. ММСА ги обединува сите студенти по медицина низ целата држава и брои повеќе од 4000 членови, а преку своите 7 одбори работи на најразлични цели.-професионални и истражувачки размени; репродуктивно здравје и превенција од ХИВ; човекови права и мир;  медицинска едукација; јавно здравје; и како национален проект  координатор. Главната цел на ММСА е со низа најразлични проекти преку секој одбор да го унапреди студентот како совесен, подготвен и хуман – пред сѐ човек, и иден доктор, од многу аспекти во животот, како и да ја едуцира останатата популација на најразлични теми од секојдневнието. Во проектите се вклучени студентите, но и општата популација.

 

 

Дали во вашите активности се вклучени и студенти Роми? Што би издвоиле од досегашните искуства со нив?

– Нашите активности се отворени за сите студенти кои сакаат да се вклучат, а меѓу нив има и Роми. Во Одборот за човекови права и мир се работи на проекти коишто се насочени кон ранливите популации во нашата држава, меѓу кои се и Ромите. Веќе 10 години ММСА  го спроведува проектот „СОС Дедо Мраз“, преку кој собираме производи од маркети пред Нова Година, што ни ги донираат нашите сограѓани. Од донираните производи  правиме новогодишни пакетчиња за децата Роми кои, пак, ни подготвуваат претстава, честитки и многу прегратки како  благодарност.

Како Генерална секретарка на ММСА, дали би можеле да ни опишете модел за квалитетен лекар/лекарка?

– На овој факултет се запишуваме пред сè за да им помагаме на луѓето. Кога пациент ќе дојде кај нас, доаѓа бидејќи во нас гледа единствен излез од неговата ситуација. Во тој момент докторот мора да го гледа пациентот само како пациент на којшто му е потребна здравствена услуга, а не според верската припадност, облеката, бојата на кожата и слично. Нашата професија се заснова на хуманост. За да си доктор, треба да можеш да се ставиш во чевлите на пациентот. Докторот треба да го ислуша пациентот,  да знае да постави емоционална бариера во односот со него, да го извлече од него она што е потребно за да дојде до дијагнозата. Квалитетниот доктор треба да ги направи неопходните испитувања и да препише соодветна терапија. Тоа единствено може да го направи доколку  го процени нивото на писменост на пациентот и му се обраќа на разбирлив начин, со што ќе му даде причина за доверба. Со разбирлив речник треба и да му дава совети, а со своето однесување да му покаже на пациентот дека е ценет и добредојден и да му посвети внимание и поддршка во ситуацијата во која се наоѓа.

Какво е Вашето искуство со пациентите Роми?

– Како студенти, сè уште не сме имале големо искуство со пациенти Роми. Но, од тоа што го следиме, можеме да забележиме дека за разлика од минатото, сѐ поголем дел од пациентите Роми се поедуцирани за своите здравствени права. Сметам дека тоа е резултат на работата на  различни организации кои работат на нивна едукација. Но, за да напредокот биде побрз потребно е да се вклучуваат и здравствените работници како носители на одговорноста.

Како може да се подобри односот лекар-пациент?

– Односот лекар-пациент може да се унапреди на неколку начини. Првично,  преку едукација на населението за нивните здравствени права. Од друга страна, особено е важно ние како сегашни и идни здравствени работници да бидеме совесни, да го почитуваме белиот мантил и заклетвата што ја даваме, а со тоа да обезбедиме правично здравство за секој човек, без разлика на етничката припадност или социјалната положба, докторот треба да го гледа човекот пред сè како пациент. Треба да сме доволно совесни и да пријавуваме до надлежните доколку некој од нашите колеги ја злоупотребува својата професија, бидејќи сепак, се вели, нема поубава перница од мирната совест.

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »