Орално здравје во текот на бременоста кај жените Ромки
Бременоста преставува физиолошка состојба во која се развива еден или повеќе плодови во матката на жената.
Многу клинички искуства покажале дека речиси секоја трудница во Р.С.Македонија, особено жените Ромки поради нискиот социоекономски статус и нискиот степен на здравствена едукација губат просечно по еден заб за време на бременоста.
Хормонските промени во текот на бременоста имаат свое влијание врз непцата (гингивата) и затоа се јавуваат знаци на оток, црвенило, крварење, односно воспаление т.н. гингивитис, кое е најизразено во осмиот месец од бременоста. Доколку гингивитот не е навремено препознаен и третиран може да предизвика пародонтопатија, а со тоа и губење на забите.
Најчесто во вториот или третиот месец од бременоста е можна појава на мек, црвен израсток на непцето (granuloma pyogenicum) со големина од 2 см. Оваа појава е безболна, често крвари при четкање на забите и не треба да предизвика страв кај пациентките бидејќи се повлекува сам од себе по бременоста.
Честите повраќања на киселата содржина од желудникот заедно со нередовното и неправилното четкање (поради честиот замор, честите нагони за повраќање и непроспиените часови) доведува до деминерализација на забите и појава на кариес.
Особено во првото тромесечие од бременоста може да се осети гадење при самото четкање и затоа се препорачува користење на помала четка за заби кај трудниците.
Најчесто, жените Ромки, поради нискиот социоекономски статус и нискиот степен на здравствена информираност и забоздравствена култура не посетуваат стоматолог за време на бременоста што често резултира со губење на забите кај мајката.
Во најголем дел од случаите, воспаленијата на непцата, промените на јазикот или забите се самоевидентираат од страна на пациентките како ,,очекувани причинско-последични симптоми од бременоста’’ кои во суштина можат да се превентабилни и бараат навремен третман.
Според досегашните искуства жените Ромки се соочуваат со недоволно развиени навики и едукација околу правилен хигиено-диететски режим (внесување на витамин Д, Б9, Ц, калциум, фосфор) којшто претставува предуслов за правилно развивање на забните зачетоци.
Воедно, многу жени не обрнуваат внимание на видот на пастата за четкање кои ја користат (треба да содржи флуор) и не поседуваат доволно знаење за важноста на стоматолошките прегледи за време на бременоста.
Во насока на подобрување на оралното здравје кај жените Ромки во текот на бременоста, потребно е да се поработи на неколку сегменти: развивање на свест, одговорност и вештини за одржување на сопственото оралното здравје, редовни стоматолошки прегледи или во најдобар случај санирање забите уште пред зачнување на плодот, формирање на навики за правилен режим на исхрана, креирање на превентивен програм ориентиран кон спречување од губење на заби и појавата промени на јазикот и устата за време на бременоста.
Бремените жени треба и можат да посетуваат матичен стоматолог или специјалист по детска и превентивна стоматологија барем два пати во текот на бременоста за контрола на оралните ткива.
Авторка на текстот:
Сабина Љатиф