Семинар „Менување на наративите за Ромите во здравствениот систем“ – со приказна до промена
Во периодот од 24-ти до 26-ти октомври 2017 год. во Охрид се одржа семинар на тема „Менување на наративите за Ромите во здравствениот систем“ во организација на Фондацијата Отворено општество.
Во преполна конференциска сала од околу 30-тина луѓе, оратори и учесници се случуваше вистинска лабораторија за раскажување приказни. И исто како што секое свесно, когнитивно, перцептивно човечко суштество ја доживува својата лична приказна како дел од себе така таа станува товар ако не се слушне, ако не се дознае, особено ако таа на некаков начин го има сменето текот на настаните во животот на оној на кого му се случила.
Под вештото водство на Пол Броди, психијатар во приватна пракса кој користи наративен пристап за да третира индивидуални пациенти и двојки и Мареј Носел, психолог, антрополог, професор и режисер. Пол и Мареј заедно се коосновачи на „Наратив“, здружение кое работи со индивидуалци и групи на луѓе да го научат методот на кажување на приказни и активно слушање. Неколкумина оратори од Македонија и од Романија и многу учесници имаа можност преку интерактивна работа и дружба да раскажат свои лични приказни и да работат на нив во насока на како тие може да се применат за застапување на ромската заедница како ранлива и маргинализирана група генерално насекаде низ светот.
Дека исклученоста на Ромите од поимот општество датира од многу одамна и било видливо отсекогаш говори и наративот на Мартин Лутер, германски протестантски свештеник и теолог во својата книга „За Евреите и нивните лаги“, каде како начин за „справување и докажување дека тие не се дел од германската држава“ го посочува третманот на кој подлежеле Ромите, односно „рушење на нивните живеалишта зошто местото им е во штала, за да знаат дека живеат во егзил и заробеништво, зошто се жалат од нас пред Бог“ уште во 1543-та година. Денес во 21-ви век сме сведоци на еден дискриминирачки дискурс особено во здравството на многу нивоа, од немање капацитет и кадар до немање на сензибилитет и вештини со кои здравствениот работник ќе се приближи до потребите, културолошките карактеристики со цел остварување на едно од основните човекови права односно правото на здравствена заштита и лекување.
Начинот на работа кој се користеше на целодневните сесии е навистина исто така приказна сам за себе, во исто време подучувајќи есенцијални и морални заклучоци од секоја мала раскажана историја подеднакво важна и релевантна. Своите лични приказни ги споделија храбри и инспиративни луѓе, многу професионалци во своите дејности, здравствени работници, луѓе од НВО секторот кои најнепосредно и секојдневно се среќаваат со проблемите на ромската заедница во Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија и Србија. Огромен потенцијал има во сите споделени приказни за користење на застапување на Ромите во многу аспекти од живеењето, како искуството на еден студент кој се соочува со дискриминација при полагање на испит на медицинскиот факултет. Првото крајно негативно искуство во родилната сала на една мајка ја мотивирала да стане акушерка и таа самата да ги прави работите поинаку, а потоа и да подучува и застапува бремени жени меѓу кои и Ромки, да знаат кои се нивните права и како треба да бидат третирани кога го носат своето потомство на свет.
Сите беа едногласни, едните како припадници на ромската заедница, другите како нивни сограѓани, било како инволвирани во работата и здравствениот систем, меѓутоа сите на одреден начин застапувачи на Ромите дека справувањето и работата со маргинализирани групи на луѓе носи многу стрес и прегорување зошто секојдневие се “dead end” ситуации и тоа многу често демотивира. Во исто време, сè побрзото темпо многу малку дозволува да вистински се слушнеме и навистина да дознаеме што имаме едни на други да си кажеме, во таа насока и податокот дека околу 69% од докторите во рокот на првите 18 секунди ќе го прекинат пациентот кој почнал да зборува. И се поставува прашањето дали можат да се сменат приказните, односно наративите за секојдневието на Ромите ако прво не се слушнат, ако прво не се обликува соодветно целата конотација, ако не се откријат проблемите? Без веќе оформено мислење и стереотипни ставови, зошто на крајот од денот секој го оди својот пат во своите чевли.
Семинарот беше одлична можност да се работи во опуштена атмосфера со професионалци од наративната медицина која нашироко се користи во светот како терапевтска метода во многу аспекти од здравствената пракса. Со сигурност може да се каже дека видиците се отвораат преку јакнење на човечките ресурси за работа на темата за Ромите во здравствените институции, создавање на кадри кои ќе бидат сензибилизирани и спремни, но и преку промените во самата заедница, напуштање на стереотипното однесување, излегување од концептот на себевиктимизирање и на тој начин менување на негативните наративи во здравствениот систем за Ромската заедница.
Катерина Гогова,
Медицинско лице во ХОПС