НВО „Амбрела“ – врска меѓу ромската заедница и институциите
Центарот за интеграција „Амбрела“ е непрофитна организација која повеќе од 10 години работи во ромската заедница. „Амбрела“ во своето работење се фокусира на социјална вклученост, интеграција и учество на Ромите преку програми за: образование, здравство, човекови права и родова еднаквост.
Клучни области на експертиза на кои се посветени се: прашања во образованието, прашања за социјално вклучување и дискриминација, малцински и родови прашања, истражувања, зајакнување и само-еманципација на маргинализираните групи, работа во заедницата и организирање на ромски групи, ромски прашања за културата.
Тие работат со мултиетнички / мулти-јазичен тим на професионалци кои го поддржуваат општественото учество на маргинализираните групи (претежно деца: предучилишна и училишна возраст и жени). Имаат тим од 12 лица со високо образование и нудат експертиза во однос на прашањата поврзани со дискриминацијата, човековите права, вработувањето, образованието и здравствената заштита. „Амбрела“ е член на неколку национални и меѓународни мрежи, како што се женските мрежи, мрежата за борба против сиромаштијата, ERTF, REYN , Неформална мрежа на Ромски НВО, МППС и др.
Силата на „Амбрела“ може да се најде во комбинација од теренски истражувања и секојдневни контакти со заедницата од една страна и пренесување на потребите на заедницата во проекти за развој на заедницата, а потоа и придонес за идни локални и национални политики, од друга страна.
Во последните 5 години „Амбрела“ преку проекти имплементира пристапни сервис-услуги со целната група со која работат односно со деца и жени како најранливи групи. Подржуваат предучилишно образование, право на здравствено осигурување, право на социјална заштита и вадење на лична документација за деца и мајки кои не се регистрирани во Матичната книга на родени. „Амбрела“ има и развива добра соработка со локални и национални институции и граѓански организации.