Приказни од децата од Дневен центар за деца на улица – Шуто Оризари #2
„Овде ми е многу убаво. Се чувствувам многу среќна, слободна, безбедна и заштитена од моите родители. Тука јадам, се бањам, ми даваат чиста облека и кога сум болна тие се грижат за мене, но и кога сум многу тажна тие ми пружаат утеха и многу љубов. Тука научив да пишувам и читам. Научив културно да се однесувам, да другарувам со моите другарчиња, ги научив месеците во годината, годишните времиња, градови, континенти…знам и математика, да собирам, одземам, множам и делам. Тука научив во кој ден и датум е мојот роденден, научив колку години имам. Јас сум многу среќна кога го прославуваме мојот роденден. Среќна сум и кога патуваме надвор од Скопје. Засекогаш ќе го памтам моето прво зимување во Пелистер и моето прво летување во Струга. Прекрасно беше!
Од Центарот ми помогнаа да се запишам на училиште. Тие ми обезбедуваат училишен материјал: тетратки, моливи, фломастери, боички… Претходно освен улицата, не знаев за ништо друго. Одев на просење со мојата мајка, браќа и сестри. Сега веќе ги знам моите права. Сега често пати и се спротиставувам на мајка ми и велам дека децата не треба да просат, но таа наместо да ме разбере ќе ме истепа… а понекогаш и не ми дава да јадам. Но, јас веќе не и се плашам, тука се моите наставнички од Дневниот центар кои постојано ме заштитуваат.“ – ни раскажа 15 годишната Р.М., која во Дневниот центар за деца на улица е запишана од мај 2010 година, а во учебната 2010/11 година е запишана во образовниот систем