„Баирска Светлина“ во акција за заштита на здравствените права на Ромите од Битола

ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола

Центарот за развој на ромската заедница „Баирска Светлина“ од Битола забележува дека ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола практикува авансно наплаќање на пациентите при отворање на историја на болест за болничко лекување, како и неиздавање на отпусни листи по завршување на болничкиот третман, во случаи кога пациентите не се во можност веднаш да ги покријат трошоците.

Ваквото постапување на Клиничката болница е забележано кај голем број  на пациенти, меѓу кои најголем е бројот на припадници на ромската заедница, со што директно се врши повреда на правата од здраствена заштита, ограничувајќи го нивниот пристап до болничко лекување, како и користење на препишаната терапија односно понатамошни здравствени услуги во континуитет и зачувување на нивното здравје.

Од страна на Центарот за развој на ромската заедница „Баирска Светлина“ во текот на 2017-та година беа евидентирани/документирани над 50 случаи каде имаше прекршување на правата од здравствената заштита, во конкретниот случај преку авансна наплата при отворање на историја на болест и неиздавање на отпусни листи.

Еден од многуте случаи беше и случајот на Ј.М. од Битола. Имено, на неговата ќерка Д.М. требаше да ѝ се направи оперативен зафат на слепото црево. При приемот во Клиничката болница се соочиле со барање на авансна наплата за девојчето да биде примено и да му се отвори историја на болест. Родителот Ј.М., помислувајќи на својата ќерка и нејзината здравствена состојба, бил принуден да плати. По завршувањето на оперативниот зафат и подобрувањето на здравствената состојба на неговата ќерка, лицето се обрати во канцеларијата на ЦРРЗ „Баирска Светлина“.

Друг случај од областа на здравствената заштита, поточно неиздавање на отпусна листа, по кој реагираше и постапуваше Центарот за развој на ромската заедница „Баирска Светлина“ е случајот на лицето М.В, лице кое имаше потешкотии со видот на десното око до степен на ослепување и лице на кое под итна постапка требаше да му се изврши оперативен зафат на катаракта на десното око.

По извршувањето на оперативниот зафат и подобрувањето на здравствената состојба на лицето, по завршувањето на болничкото лекување веднаш му било соопштено дека треба да го подмири долгот од 2.700 денари за да ја подигнe отпусната листа. Лицето изјавило дека е корисник на социјална парична помош во вкупен износ од 1.800 денари месечно и дека не е во можност целосно да ги покрие болничките трошоци, но отпусната листа не му била издадена. Неиздавањето на отпусната листа за М.В. значело неможност за користење на препишаната терапија односно преземање на понатамошните постоперативни чекори.

Од тие причини, лицето М.В. се обрати во канцеларија на Центарот за развој на rомската заедница „Баирска Светлина“ и го образложи своето негативно искуство со ваквата пракса на Клиничката болница. Како резултат на реакцијата на „Баирска Светлина“ во однос на ваквата пракса на битолската болница за неиздавање на отпусна листа на припадник на ромската заедница, од страна на болницата ни беше одговорено дека на секој пациент, кој не е во можност веднаш да ги подмири болничките трошоци му се понудува склучување на вонсудска спогодба за исплаќање на отпусната листа на рати. Како резултат на активноста на ЦРРЗ „Баирска Светлина“ и со приложување на потврда дека лицето е корисник на социјална парична помош во износ од 1.800 денари, беше склучена вонсудска спогодба меѓу пациентот и клиничката болница, со што успеавме сумата од 2.700 денари да ја плаќа на девет еднакви месечни рати во износ од 300 денари, со што на денот на склучувањето на вонсудската спогодба, лицето М.В. ја плати првата рата.

Од големиот број на вакви случаи  произлезе и рекцијата која беше испратена до Клиничката болница во Битола од група граѓани, кои се членови на ромскиот граѓански парламент – Битола, а и од целокупната ромска заедница. Од Клиничката болница добивме одговор дека за решавање на оваа проблематика, на пациентите ќе им биде понудено склучување на вонсудска спогодба за отплатување на отпусната листа, со што листата ќе им биде издадена по склучувањето на спогодбата и дека праксата со авансната наплата ќе биде укината.

 

Зенгин Еминов,

Центар за развој на ромската заедница „Баирска Светлина“ – Битола 

 

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »