Уште од мала сонувам да станам медицинско лице

Јас сум Азиза Сали од Шуто Оризари и сум студентка во прва година на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Уште од мала сонувам да станам медицинско лице.

Кога пораснав и требаше да се одлучам во кое средно училиште да го продолжам моето образование, почнав да размислувам и имав дилема дали да се запишам како медицински лаборант или физиотерапевт. Не знаев за што да се одлучам, бидејќи сакав да бидам и лаборант и физиотерапевт.

Постојано барав совети од другите и сите ме советуваа да се запишам како лаборант бидејќи така ќе можам полесно да се вработам. Но, моите родители ме советуваа да се запишам за тоа што најмногу го сакам и за тоа што најмногу срцето ќе ме влече. Имав многу голема поддршка од моите родители. Тие ми дадоа совет дека можам да се запишам во средно школо како медицински лаборант и откако ќе го завршам средното образование, тие ќе ми бидат поддршка да се запишам на факултет како физиотерапевт. Ги послушав моите родители бидејќи тие ми ги ослободија мислите и ми олеснаа многу. Така, благодарение на нив завршив средно медицинско образование.

Во текот на средно образование како и сите други, така и јас имав некои потешкотии. Еден од тие проблеми беше тоа што моето учење никогаш не беше ценето. Јас учев и во однос на некој друг кој толку баш не учи ама бидејќи не е Ром, односно е друга националност, тој ќе добиеше поголема оценка, а јас пониска бидејќи бев Ромка. Не ми ставаа оценки кои ги заслужував и бев револтирана бидејќи многу се трудев да учам и да добијам добри оценки за да можам да се запишам на факултет. Како и да е, го завршив средното образование и се запишав на Медицинскиот факултет како физиотерапевт. Веќе сум прва година и се надевам ќе успеам да го завршам.

За Иницијативата на жени од Шуто Оризари дознав од медиумите, ме заинтересира и решив да се приклучам кон оваа организација. Со мојот ангажман и вклучување сакав да придонесам на некој начин за мојата ромска заедница. Сега сум вклучена како параправничка и многу ме интересира работата која се работи. Колегите се многу љубезни и ми помогнаа брзо да научам сѐ што е потребно во врска со задачите кои ги извршува параправникот. Се надевам дека многу ќе успееме сите заедно како тим.

Има еден случај кој ми го привлече вниманието од социјалната област, а тоа е остварувањето на правото на детски додаток за трето дете. Луѓето кои ги посетив на терен со колешката беа сиромашни и имаа три деца, но не остваруваа никакво право од социјалната област. Бидејќи веќе еднаш беа одбиени, ние се понудивме да им помогнеме во решавањето на нивниот случај. Ги препративме до нашата правничка на која претходно и раскажавме за случајот. Таа им помогна во подготовката на жалба, а потоа со нив ги придружувавме до Центарот за социјална работа. Случајот беше позитивно решен и јас сум многу задоволна бидејќи успеав да помогнам некому, кому му е потребна навистина нашата помош. Случаите со позитивни решенија ми даваат мотивација да продолжам да работам и да бидам дел од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

Оваа работа, од моја гледна точка, е многу корисна за луѓето кои не се доволно информирани за своите права од областа на социјалната заштита, дискриминацијата, сексуалните и репродуктивните права и најмногу во здравството, кадешто има премногу прекршени права со незаконската наплата кај нивните матични гинеколози. Работата како параправничка е многу корисна за мене бидејќи преку оваа работа добивам информации за кои ни јас не знаев, како на пример за социјалните права, како да се користат овие права и кои се обврските. Сега знам доста корисни информации кои можам да ги споделам со мојата заедница, а на тој начин и да им помогнам.

 

Азиза Сали

Параправничка

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »