Каде и како да побарате брза и бесплатна заштита во случај на дискриминација

Донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација покрена јавна дебата во која главниот фокус на противниците на законот беше воведувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како посебни основи за дискриминација. Со намера да го претстават законот како „креиран по мерка“ на ЛГБТИ луѓето, ги издвојуваа нив како единствени „корисници“ на законот, притоа свесно избегнувајќи ги аспектите од кои корист имаме сите. Освен што конечно се воведоа сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи, овој закон носи низа позитивни промени за сите нас, подеднакво, вклучително и за Ромите кои во нашето општество често се подложни на нееднаков третман.

Во продолжение ќе добиете информации за текот на постапката за заштита од дискриминација пред Комисијата за заштита од дискриминација, согласно новиот Закон.

Доколку сте граѓанин од ромска етничка припадност и се соочите со нееднаков третман во остварувањето на слободите и правата и сметате дека сте дискриминирани од страна на приватно, државно, физичко или правно лице, може да покренете постапка пред Комисијата за заштита од дискриминација. Постапката е бесплатна, започнува со поднесување претставка до Комисијата, писмено или усно на записник. Пред да поднесете претставка, можете да се обратите до организација која работи во областа на недискриминацијата и да добиете помош и поддршка низ целата постапка, како и застапување пред Комисијата.

Организацијата може да ви помогне да ја подготвите претставката, но доколку одлучите тоа да го направите сами, корисно е да знаете дека претставката треба да содржи податоци за вас како подносител, податоци за лицето против кого се поднесува претставката, околностите и фактите врз кои се темели истата, податоци за правните дејства што претходно сте ги вложиле (на пример, тужба, претставка до Народен правобранител и тн.), како и ваш потпис.

Новиот закон предвидува и подолг рок за поднесување претставка кој изнесува шест месеци од дознавањето за дискриминацијата или најдоцна една година од денот кога била сторена повредата.

Дискриминацијата не ја докажувате вие туку лицето против кого ја поднесувате претставката. Вие сте должни да ги изнесете сите факти кои ви се на располагање. Доколку Комисијата утврди дека вашето тврдење е веројатно, тогаш товарот на докажување преминува на лицето против кое ја поднесувате претставката.

Комисијата дава мислење во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на претставката и го доставува до вас и до лицето против кое ја поднесувате претставката. Со писменото мислење, а по утврдената дискриминација, Комисијата препорачува начин на отстранување на повредите на правото. Во зависност од конректниот случај, тоа може да биде паричен надомест, јавно извинување или друг начин со кој ќе се отстрани дискриминацијата. Законот за спречување и заштита од дискриминација и наметнува обврска на комисијата да препорача начин за отстранување на повредата.

Доколку лицето на кое е упатена препораката не постапи по препораката во законски утврдените рокови, Комисијата поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.

Доколку ви се потребни дополнителни информации околу постапката за утврдување дискриминација или имате потреба од поддршка во вашиот случај пред Комисијата за заштита од дискриминација, слободно обратете се на: Е-пошта: hera@hera.org.mk  или на телефонскиот број: +389 (0)2 3290 395

За авторката:
Росана Богатинова, правна советничка и проектна координаторка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »