Можеме ли да ја препознаеме и да се бориме против дискриминацијата врз Ром(к)ите?

Како е да се биде граѓанин од втор ред во сопствената земја? За тоа ќе треба да ги прашаме нашите сограѓани Роми. Ромите ја препознаваат дискриминацијата. Нееднаквото постапување е составен дел од нивното живеење. Добивањето здравствена заштита, преминувањето државна граница, пристапот до услуги од јавни и приватни лица итн. се предизвици речиси за секој граѓанин од ромска етничка припадност. Предрасудите кон Ром(к)ите се главната причина за различен третман во однос на третманот кој го добиваат граѓаните од било која друга етничка припадност во Р. Македонија. Стравот од повторно дискриминирање уште повеќе ги оддалечува Ром(к)ите од институциите кои одлучуваат за нивните права.

Како, колку и зошто најчесто се дискриминирани Ром(к)ите?

Според закон сите луѓе се еднакви во правата и во обврските – ова е основен принцип во нашиот правен систем. Еднаквоста убаво звучи, но ретко се применува особено кон Ром(к)ите. Најголем број од случаите на дискриминација регистрирани во сервисот правна помош на ХЕРА се однесуваат на нееднаков третман на Ром(к)и, а особено при остварување на правото на здравствена заштита. Најмногу застапени се случаите на дискриминација на Ромки при правото на пристап до гинеколошки услуги од матичен гинеколог. Според податоците од истражувањето кое го спроведе ХЕРА во 2015 година, 13% од испитаничките споделиле дека барем еднаш биле одбиени при избор на матичен гинеколог. Согласно податоците од Ромските здравствени медијатори, здравствените работници, особено гинеколозите одбиваат да работат со Ромки. Дополнително, податоците од истражувањето на УНИЦЕФ, исто така, покажуваат дека бирократското однесување и дискриминацијата се застапени во здравствените установи, а воедно и дека конфликтите кои може да произлезат за време на болничкиот третман не се секогаш соодветно решавани од страна на докторите, како и дека културните разлики може да доведат до избегнување на посета на здравствени установи и до конфликти за време на реализацијата наздравствената услуга.[1]Освен случаи на одбивање на здравствена услуга, евидентирани се и случаи на реализирање на услугата со омаловажување на пациентот поради неговата етничка припадност или социјален статус. Доколку понижувачкиот пристап го повредува достоинството на пациентот, создава заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина и предизвикува вознемирување, тогаш со сигурност се работи за дискриминација.

Не се ретки ни случаите каде дискриминацијата на Ром(к)и се врши двојно: по основ на етничка припадност но и по основ на социјален статус, што впрочем претставува и потежок облик на дискриминација и доколку како таква биде препознаена од институциите, дискриминаторот потешко ќе се казни.

Како да пријавиме и да се бориме против дискриминацијата?

Постојат повеќе правни средства кои му стојат на располагање на граѓанинот кој се соочил или се уште се соочува со било кој облик на дискриминација. Така, Комисијата за заштита од дискриминација е надлежна за постапување по случаи на дискриминација извршена од приватни и од јавни лица, а доколку се работи за дискриминација извршена од органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби, надлежен да постапува е и Народниот правобранител.

Секој граѓанин кое смета дека е жртва на дискриминација, може да започне и судска постапка во која би побарал и надомест на штета од дискриминаторот кој е должен да докажува дека во конкретниот случај немало дискриминација.

Бесплатната правна помош која ја нудат граѓанските организации кои работат со оваа проблематика, секогаш им стои на располагање на граѓаните кои се соочиле или се соочуваат со дискриминација со цел да се искористи најсоодветниот и најефикасното средство за правна заштита во секој конкретен случај.

[1]UNICEF, Assessment of Barriers to Health Insurance Access for Roma Families in the Republic of Macedonia, 2016

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »