Сакам да станам гинеколог за да го решам најголемиот проблем на Ромките во мојата заедница

Јас сум Касандра Абдула. Имам 19 години и со моето семејство живеам во Шуто Оризари. По завршувањето на основното училиште, како и секој млад човек требаше да одлучам како понатаму да го продолжам моето образование. Медицината отсекогаш била мојата желба и токму затоа одлучив да се запишам во средното медицинско училиште. Сметав дека покрај тоа што би се вработила, во исто време би била корисна и од големо значење за мојата заедница. Средното медицинско училиште го запишав со идеја и очекување дека ќе има потреба од мое вработување како Ромка во некоја здравствена установа.

Меѓутоа, минатата година матурирав и повеќе од една година аплицирам за медицинска сестра, но сè уште мојата потрага по вработување нема вродено со плод. Додека барам работа како медицинска сестра, одлучив сепак да се ангжирам и моето стеканото знаење да го ставам во корист за заедницата во којашто живеам. Имено, веќе една година и неколку месеци работам како теренски работник, односно сум вклучена како параправник и мониторинг на заедницата во Шуто Оризари. Но, исто така и сум и активистка во Иницијативата на жени од Шуто Оризари. Една од нашите одговорности е информирање на заедницата за нивните здравствени права и едуцирање на бремените жени и жените во репродуктивен период. Секојдневните посети на жените на терен и нивните проблеми со кои се соочуваат, меѓу другото и големиот проблем со немањето на матичен гинеколог во нашата општина, е основниот мој мотив како активистка во Иницијативата да се изборам да го добијат ова право.Можноста да се помогне на некого е од големо значење за мене и позитивно решените случаи  се оние кои ми даваат инспирација да се продложам да се борам и работам понатаму.

Пред неколку месеци се соочив со еден проблем, каде што жена Ромка се обрати во нашиот центар со цел да ѝ се помогне. Жената беше околу осмиот месец од бременоста и притоа немаше здравствено осигурување, а ѝ беа потребни итни испитувања во Клиниката за гинекологија и акушерство. Се обрати кај мене за да ја придружувам до таму. Се согласив и тргнавме кон болницата, кога стигнавме таму на медицинскиот персонал  ја кажав ситуацијата на жената, но и тоа дека е без здравствено осигурување, по што веднаш реагираше сестрата со тоа што кажа дека треба да ѝ се наплати приватно за добиената здравствена услуга. Јас се преставив дека сум од Иницијативата на жени Ромки од Шуто Оризари и се повикав на мерката предвидена од Министерството за здравство, која предвидува бесплатни гинеколошки услуги за секоја бремена жена без разлика дали е здравствено осигурувана или не. Откако и објаснив на сестрата, веднаш нè препрати во собата да и се направат потребните испитувања бесплатно. Исто така, неколку недели подоцна, кога дојде време за породување, медицинскиот персонал ја прими, породувањето беше успешно изведено, а пациентката постпородилно беше згрижена и после болничките процедури беше пуштена дома со бебето. Ова беше еден од случаите коишто успеав да ги решам успешно и ме мотивираат да продолжам со мојата работа како параправник.

Моите следни планови се да продолжам да работам како активистка во Иницијативата на жени од Шуто Оризари и секако да се запишам на Медицинскиот факултет во Скопје. Со тоа што понатака би продолжила и на специјализација на отсек Гинекологија и акушерство. И доколку е можно би се сакала да се вработам како гинеколог во нашата амбуланта во Шуто Оризари со што би се решил најголемиот проблемот со кој се соочуваат жените Ромки во мојата заедница.

 

Касандра Абдула

Параправник и монитор

Иницијатива на жени од Шуто Оризари

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »