Почитувањето на здравствените права – предуслов за уживање на останатите човекови права

Здравјето е основно човеково право кое е неопходно за уживање на останатите човекови права. Секое човечко суштество има право на уживање на највисокиот достапен стандард на здравје, кој придонесува кон достоинствен живот.

Задолжителното здравствено осигурување е воспоставено со цел да се обезбеди социјална сигурност на граѓаните во случај на болест или повреда. За да може да се користат зравствените услуги кои ги нуди државата, пациентот треба да биде здравствено осигуран. Ако немате здравствено осигурување, здравствените услуги се плаќаат во целост.

Недоволното познавање на правата за здравствена заштита и осигурување за поголемиот број на претставници од ромската заедница најчесто претставува непремостлива пречка и го продлабочува социјалниот јаз и нееднаквост и директно влијае на лошата здравствена состојба на Ромите и општата здравствена кондиција на целото население во државата.

Според законот за здравствено осигурување, осигурените лица учествуваат со лични средства во цената на здравствената услуга, но најмногу до 20% од просечниот износ на вкупните трошоци на здравствената услуга, односно лековите (плаќање на партиципација). Во овој дел се и најголемите проблеми на пациентите Роми кои се корисници на социјална помош. Имено, ако не се во определена категорија на лице за кои државата вовела програми за целосно ослободување од плаќање (бремени жени, новороденчиња, деца со посебни потреби итн.) при нивното лечењето се соочуват со големи пречки.

С.Н. е Ром од Шуто Оризари, корисник на социјална парична помош, кој е здравствено осигуран и се соочил со проблем од овој вид. Имено, неговата жена (здравствено осигурана) со силни болки во абдоменот била префрлена на Клиниката за абдоминална хирургија, каде е дијагностицирано голем проблем со жолчното ќесе и веднаш е однесена на операција. Операцијата завршува успешно и пациентката се лечи уште неколку дена во болнички услови. Денот кога треба да ја пуштат од болница побарани им се 3.800,00 денари за плаќање на партиципација. Семејството ја нема оваа сума на парични средства и пациентката си оди од болница без болничка отпусна листа и без соодветна месечна терапија, која мора да ја пие после извршената операција.

Вакви случаи има во сѐ поголем број. И таа партиципација која треба да ја уплатат корисниците на социјална помош при болничкото лекување, може да изнесува околу две месечи примања на социјална парична помош. Семејствата на пациентите многу ретко можат да ги платат болничките услуги, па така пациентот ја напушта болницата без отпусно писмо, без соодветна терапија, а во многу случаи има пракса на задржување на лични документи или здравствени легитимации сѐ со цел побрзо да го подмират трошокот кон болницата. Би сакала да напомнам дека оваа пракса е незаконска и несоодветна како начин на наплата, кој многу често го применува персоналот во болниците. Имено, според законот за здравствено осигурување по завршеното болничко лекување, болничката здравствена установа на пациентот му издава отпусно писмо и совет. На осигуреното лице при напуштањето на болничката установа му дава да потпише фактура за извршените здравствени услуги, која се доставува до ФЗОМ. Здравствената установа е должна да му издаде на осигуреното лице и копија од фактурата. Неплаќањето на трошокот за користените здравствени услуги или за болничко лекување од страна на пациентот може единствено да биде предмет на постапка пред надлежен суд, а не предмет на уцена на правото на користење на натамошни здравствени услуги односно задржување на отпусното писмо.

Исто така, значајно е да се напомне и праксата која воедно е незаконска, а се состои во вршење на авансна наплата од страна на здравствената установа пред да се заврши лекувањето на осигуреникот.

А.С. е Ромка од Шуто Оризари, корисник на социјална парична помош, здравствено осигурана, која се соочила со овој проблем. Имено, поради проблеми со бубрезите и потребни дополнителни испитувања, предложено ѝ е од страна на дежурниот доктор, да биде хоспитализирана за поефикасна дијагностика. Но, побаран ѝ е аванс за болничкото сместување во износ од 2.000,00 денари, па укажано ѝ е дека треба веднаш да ги плати (кога ќе се смести во болницата) и на крајот од лекувањето, доколку има потреба ќе доплати до пресметаната партиципација или ако има вишок на наплатени средства, дел од парите ќе ѝ бидат вратени. Лицето А.С. во моментот ги нема авансно да ги уплати побараните средства, па си оди дома и не го продолжува понатамошното дијагностицирање на нејзиниот здравствен проблем.

Ваквите пракси дирекно ги повредуваат правата на пациентите бидејќи по напуштањето на болницата, не се во можност да ја купат соодветната терапија, како би можеле лечењето да го продолжат во домашни услови. Со тоа нивното здравје се доведува во уште поголем ризик. Затоа, за најзагрозените во општеството, а тоа се корисниците на социјална помош сметам дека потребно е да има олеснувања во плаќањето на партиципацијата во болниците. Нив овие олеснувања им се најпотребни со оглед на висината на месечните примања, условите каде што живеат, како и нивниот начин на живот.

Само преку информирање на пациентите, корисници на здравствените услуги (на јавно и видно место истакнати правата на пациентите во здравствените установи и тоа на македонски, албански, ромски и друг јазик) ќе почнат да се напуштаат незаконските пракси на болничкиот персонал. Исто така, со воведување на активни мерки за здравствена заштита од страна на државата за најзагрозените маргинализирани групи (како што се Ромите, корисници на социјална помош) ќе се подобри нивното здравје, а со тоа и здравјето на нивното семејство.

 

Ана Аврамоска Нушкова

Правник

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »