Подобрување на статусот на ромското население преку остварување на глобалните цели за одржлив развој на ОН

za-web-02

На 05.12.2016 во Скопје во организација на ХЕРА и со финансиска поддршка на УНФПА се одржа работна средба помеѓу носители на одлуки и други претставници на државни институции, претставници од меѓународни и домашни организации, експерти од областа на здравје на Ромите, како и претставници од ромската заедница на која се дискутираа начините и механизмите преку кои може да се подобри здравствениот статус на Ромите.

Целите за одржлив развој на кои се посвети особено внимание беа: #3-здравје и благосостојба, #5-родова рамноправност, #10-намалена нееднаквост и #16-мир и правда, силни институции.

Оваа година започна имплементацијата на глобалните цели за одржлив развој на Обединетите нации. Новата агенда за одржлив развој се обврза на зголемување на можностите на сите луѓе преку балансирање на социјалните, економските фактори и факторите на животната средина. Тоа значи дека развојот на земјите во светот, а со тоа и подобрување на условите за живот, не можат да се случат без истовремено остварување на сите цели.  Целите за одржлив развој се длабоко испреплетени меѓу себе и за да се постигне одржлив развој, а притоа никој да не биде заборавен, потребно е државите да применуваат меѓу-секторски и меѓу-агенциски пристап при решавање на одредени прашања. Во остварување на оваа агенда, никој не смее да биде заборавен.

Следствено на тоа, при решавање на прашањето за подобрување на здравствениот статус на Ромите, потребно е фокусот да се стави на справување со социјалните и економските фактори кои влијаат на здравјето на Ромите и предизвикуваат нееднаквост на повеќе нивоа. Во Македонија, како впрочем и во цела Централна и Источна Европа, ромската заедница сè уште е изложена на нееднаков третман, нееднакви можности и како резултат на тоа нема еднаков пристап до здравствена заштита.

Како последица на неповолните социјално-економски услови на живеење, недоволната покриеност со здравствено осигурување, отежнатиот пристап до услугите за здравствена заштита и нивниот квалитет, како и  отежнатиот пристап до правда, особено во однос на правата на здравствена заштита, во споредба со мнозинската популација, Ромите во Република Македонија, имаат неповолен здравствен статус и покус животен век.

Дополнително, пристапот до основните услуги за сексуално и репродуктивно здравје за голем дел од Ромките е несоодветен и отежнат. Утврдено е непостоење на гинеколошки ординации во помалите урбани средини, особено во ромските населби. Користењето на средства и методи за контрацепција е особено ниска помеѓу Ромките. Освен тоа, стапката на доеничката смртност или смртноста на децата до 1 година кај Ромките е повисока во однос на општата популација, што е причина на недоволниот пристап на жените Ромки кон услугите за антенатална заштита.

Државата се соочува и со фактот што здравствените статистики во Македонија не се класифицирани според етничка припадност, а надлежните здравствени институции немаат соодветни податоци за здравствениот статус на Ромите. Водејќи се од основниот принцип на Целите за одржлив развој, односно „никој да не биде заборавен“, државите треба да се стремат кон подобрување на системот за разделени статистички податоци за социјалниот и здравствен статус, меѓу кој и за етничкиот состав. Во моментот единствените податоци за здравствениот статус на Ромите се собираат преку програмата за Ромските здравствени медијатори.

Поради сето ова, напорите на државата за овозможување на подобар пристап на Ромите до здравствени услуги мораат, првенствено, да бидат насочени кон подобрување на соработката меѓу различни институции и примена на интегриран и мулти-секторски пристап при креирање на долгорочни и одржливи решенија за обезбедување на еднаков пристап до здравствените услуги за Ромите.

Цели на средбата:

  • Презентирање на резултатите од постигнувањата и евалуацијата на програмата за Ромски здравствени медијатори
  • Преглед на состојбите во државата со остварувањето на пристапот до правда кај Ромите
  • Преглед на пристапот до здравствена заштита на Ромките пред и во текот на бременоста
  • Идентификување на препораки за подобрување на здравствениот статус на Ромите и можности за идна соработка меѓу државните институции и граѓанскиот сектор
Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »