Здравствената заштита како основа за намалување на сиромаштијата

Во време кога сиромаштијата и невработеноста ги мачат нашите граѓани неопходно е да се посветиме на креирање политики кои ќе бидат инклузивни и интегрирани, за да може да дадат соодветни резултати. Сведоци сме на донесување на многу мерки кои се насочени кон надминување на овие проблеми, а сепак, се покажува дека не е доволно само да се отвори работно место и да се очекува дека едно невработено лице лесно ќе влезе и остане на него. Исто така, се покажува дека тоа е уште потешко ако станува збор за лице во социјален ризик или доаѓа од маргинализирана заедница, вклучително и Ромската.

Во Македонија 88% од ромската популација живее под прагот на сиромаштија, околу 80% се невработени, а 41% имаат помеѓу 3 и 5 деца, но и најголем процент од примателите на социјалната парична помош и лица што живеат во апсолутна сиромаштија се Роми. Тоа е доволна провокација да се отвори темата дали е доволно само пазарот на труд да се карактизира како инклузивен или потребно е да се посвети внимание и на други сегменти, а проблемите да се разгледуваат во поширок контекст.

Ќе започнам со стереотипот дека „невработените се мрзеливи и не им се работи“, но дали навистина е така? Неодамнешното истражување на Македонската платформа против сиромаштија утврди дека покрај ниските квалификации, голем проблем за наоѓање работа е и лошата здравствена состојба на лицата што живеат во сиромаштија и социјална исклученост. Поради лошите услови за живот, голем број од лицата што живеат во сиромаштија имаат некаков здравствен проблем. Комбинацијата од несоодветната здравствена заштита, лошиот квалитет на живот и недостигот на пари ги прават возрасните неспособни за работа, најчесто со низа хронични и неизлечиви болести. Кај децата пак, тоа се рефлектира во целокупниот раст и развој, вклучително и способноста за посетување на училиште, што пак води кон недостаток на знаења и вештини со кои ќе си обезбедат достоинствена работа во иднина. Според ова, не смее да се изостави фактот дека здравјето е предуслов за активен барател на работа и добар работник.

Во истото истражување испитаниците се пожалиле на дискриминацискиот третман што го добиваат во здравствените институции, недостапност до услугите доколку немаат пари во моментот, но и непристапност до услугите заради оддалеченоста на нивните живеалишта. Ако кон тоа ги додадеме и вообичаените бариери во комуникацијата меѓу здравствените работници и Ромите, сосема е јасно дека проблемот го менува тежиштето, од пазарот на труд, кон соодветна и квалитетна здравствена заштита.

Важноста на здравството како приоритет во градење на инклузивност на пазарот на труд е препознаено и низ политиките на Европската унија. Во нејзините рамки, како ефективни стратегии за промовирање на одржлив и инклузивен пазар на труд, со обезбедено социјално учество, се оние кои вклучуваат широк спектар на поврзување помеѓу сите релевантни актери и на сите нивоа. Како гарант за успех, покрај вклученоста на традиционалните учесници на пазарот на трудот – работодавачите, центрите за вработување, јавните служби за вработување, синдикатите, давателите на услуги (во областа на домување, образование и обука, здравствена заштита), како неизоставен и најважен дел, мора да се вклучат и лицата кои бараат работа, особено лицата со искуство во сиромаштијата и социјалната исклученост, заедно со организациите од граѓанското општество кои се застапуваат за нив. И во истражувањето кое претходно го споменав, во контекст на вработувањето, испитаниците кажале дека им се потребни поголеми и подобрени услуги во здравствената заштита, но и помош и поддршка од другите институции поврзани со социјалната заштита и вработувањето. Тоа е голема порака до креаторите на политики да внимаваат на потребите и спецификите на оние за кого се однесуваат политиките.

Заклучокот е дека инклузивен пристап во процесот на вработување треба да значи и непречен пристап до здравство, а не само отворени врати на агенцијата за вработување. Оттука, како еден од чекорите за излез од магичниот круг на сиромаштијата неопходно е да се гарантира пристапот и квалитет на добиените и понудените здравствени услуги, преку персонализирана и интегрирана поддршка на корисниците.

 

Билјана Дуковска,

Претседателка на Македонска платформа против сиромаштија

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »