Здравствената заштита како основа за намалување на сиромаштијата
Во време кога сиромаштијата и невработеноста ги мачат нашите граѓани неопходно е да се посветиме на креирање политики кои ќе бидат инклузивни и интегрирани, за да може да дадат соодветни резултати. Сведоци сме на донесување на многу мерки кои се насочени кон надминување на овие проблеми, а сепак, се покажува дека не е доволно само да се отвори работно место и да се очекува дека едно невработено лице лесно ќе влезе и остане на него. Исто така, се покажува дека тоа е уште потешко ако станува збор за лице во социјален ризик или доаѓа од маргинализирана заедница, вклучително и Ромската.
Во Македонија 88% од ромската популација живее под прагот на сиромаштија, околу 80% се невработени, а 41% имаат помеѓу 3 и 5 деца, но и најголем процент од примателите на социјалната парична помош и лица што живеат во апсолутна сиромаштија се Роми. Тоа е доволна провокација да се отвори темата дали е доволно само пазарот на труд да се карактизира како инклузивен или потребно е да се посвети внимание и на други сегменти, а проблемите да се разгледуваат во поширок контекст.
Ќе започнам со стереотипот дека „невработените се мрзеливи и не им се работи“, но дали навистина е така? Неодамнешното истражување на Македонската платформа против сиромаштија утврди дека покрај ниските квалификации, голем проблем за наоѓање работа е и лошата здравствена состојба на лицата што живеат во сиромаштија и социјална исклученост. Поради лошите услови за живот, голем број од лицата што живеат во сиромаштија имаат некаков здравствен проблем. Комбинацијата од несоодветната здравствена заштита, лошиот квалитет на живот и недостигот на пари ги прават возрасните неспособни за работа, најчесто со низа хронични и неизлечиви болести. Кај децата пак, тоа се рефлектира во целокупниот раст и развој, вклучително и способноста за посетување на училиште, што пак води кон недостаток на знаења и вештини со кои ќе си обезбедат достоинствена работа во иднина. Според ова, не смее да се изостави фактот дека здравјето е предуслов за активен барател на работа и добар работник.
Во истото истражување испитаниците се пожалиле на дискриминацискиот третман што го добиваат во здравствените институции, недостапност до услугите доколку немаат пари во моментот, но и непристапност до услугите заради оддалеченоста на нивните живеалишта. Ако кон тоа ги додадеме и вообичаените бариери во комуникацијата меѓу здравствените работници и Ромите, сосема е јасно дека проблемот го менува тежиштето, од пазарот на труд, кон соодветна и квалитетна здравствена заштита.
Важноста на здравството како приоритет во градење на инклузивност на пазарот на труд е препознаено и низ политиките на Европската унија. Во нејзините рамки, како ефективни стратегии за промовирање на одржлив и инклузивен пазар на труд, со обезбедено социјално учество, се оние кои вклучуваат широк спектар на поврзување помеѓу сите релевантни актери и на сите нивоа. Како гарант за успех, покрај вклученоста на традиционалните учесници на пазарот на трудот – работодавачите, центрите за вработување, јавните служби за вработување, синдикатите, давателите на услуги (во областа на домување, образование и обука, здравствена заштита), како неизоставен и најважен дел, мора да се вклучат и лицата кои бараат работа, особено лицата со искуство во сиромаштијата и социјалната исклученост, заедно со организациите од граѓанското општество кои се застапуваат за нив. И во истражувањето кое претходно го споменав, во контекст на вработувањето, испитаниците кажале дека им се потребни поголеми и подобрени услуги во здравствената заштита, но и помош и поддршка од другите институции поврзани со социјалната заштита и вработувањето. Тоа е голема порака до креаторите на политики да внимаваат на потребите и спецификите на оние за кого се однесуваат политиките.
Заклучокот е дека инклузивен пристап во процесот на вработување треба да значи и непречен пристап до здравство, а не само отворени врати на агенцијата за вработување. Оттука, како еден од чекорите за излез од магичниот круг на сиромаштијата неопходно е да се гарантира пристапот и квалитет на добиените и понудените здравствени услуги, преку персонализирана и интегрирана поддршка на корисниците.
Билјана Дуковска,
Претседателка на Македонска платформа против сиромаштија