Да им ги пренесеме вистинските вредности на децата кои растат пред нашите очи

Јас сум Елизабета Ѓеорѓиевска, воспитувачка во Детската градинка „Весели Цветови“ од  Делчево со 25 години работен стаж. Понудата која ја добив од НВО „КХАМ“, јас да бидам претставник од Р. Македонија во рамките на чекор по чекор програмата и да бидам дел од студиската посета во Букурешт за мене беше големо признание, но и предизвик. Понудата ја прифатив без двоумење затоа што размената на искуство, пред сѐ практичното искуство, се најсилни алатки во нашето работење.

Ние како детска градинка од Делчево исто така имаме што да им пренесеме на колегите од Европа затоа што успешно го спроведуваме проект „Инклузија на деца Роми во предучилишни установи“. Можеби немаме најсовремени услови и најсовремени помагала за работа, но имаме големо срце и си ги сакаме децата без да правиме разлика од која националност се.

Пристигнав во Букурешт и топло бев примена од организаторите кои веднаш потенцираа дека доаѓам од Делчево, место познато по соживот и добри практики во инклузија на Ромите во општеството воопшто. Заедно со останатите 15 колеги поминавме три прекрасни дена на дружење, размена на искуства, но и учење од добри практики. Ги посетивме двете градинки во Букурешт кои служат за пример – „Бамби“ и „КДВ де Бинетиун Деневер“. Градинки кои во Букурешт предничат во воведувањето на европските стандарди на квалитет. Согласно воведените стандарди воспитачите се обучени да работат на поврзаност не само со детето, но и со неговото семејство за подобро да излезе во пресрет, за посоодветно да одговори на потребите и емоционалниот развој на детето. Во овие градинки, една воспитувачка работи со максимум 8 деца и континуирано го збогатува детскиот свет преку активирање на секое дете во играта и стекнување на навики да ги почитува и потребите на другите деца. Она што посебно ме воодушеви е дека во најголем дел од игрите е застапен здравствениот аспект и грижата за здравјето, како и грижа за чиста и здрава животна средина.

„Се викам Михаела, а ти учителке како се викаш?“ „Бети“, и одговорив со насмевка. „Ајде учителке Бети да ги измиеме рацете и ќе јадеме“, така ме пречека малата Михаела која е едно од 400 деца во градинката „КДВ де Бинетиун Девенер“, кои уживаат во детската игра и  стекнуваат здрави навики, кои остануваат врежени во човековата психа.

Ги прашав колешките од Букурешт дали сето ова децата го научиле преку игра, тие рекоа се разбира да. И не само тоа, секој четврток доаѓа доктор во мантил, кој преку игра со децата ги едуцира за здрави животни стилови и здрави навики, дополнително докторот е Ром.

Сепак, на моето воодушевување немаше крај кога во Букурешт, кој е огромен и преубав, и каде на едно место ги гледам родителите кои се од различна националност, вера и боја на кожа, како зборуваат заедно додека пијат чај што научиле нивните деца од претходниот ден. Не зборуваат за политичарите, не зборуваат за пари или ноќен живот, туку како треба да се подготви зеленчукот за јадење или како докторите се многу хумани и се тука за да ни помогнат за да оздравиме побргу.

Во тој момент, си помислив како некогаш се учеа децата за докторите, ако не си мирен ќе те однесеме да те боцка доктор, па ќе видиш ти. Еве уште една животна лекција. Ја сфатив мојата задача за враќање во Македонија. Да ги разбиеме стереотипите и предрасудите за професиите и националностите. Да им ги пренесеме вистинските вредности на децата кои растат пред нашите очи, а европскиот стандард на квалитет нема потреба никој да ни наметне. Тоа ни треба на нас самите и треба да го направиме за нас.

Пак го сретнав малото девојче што ме посоветува да ги измиеме рацете пред јадење. Се насмевна мило како да сакаше да ми даде некоја порака, но и поздрав до дечињата во градинката „Весели цветови“ во Делчево. Поздрав мил цвету, ќе ја пренесам пораката до сите деца и нивните родители.

 

Елизабета Ѓеорѓиевска,

Воспитувачка во Детска градинка „Весели Цветови“ – Делчево

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »