Дискриминација на базенот во Битола: „Како да ги пуштам, не ги гледаш какви се црни ко маслинки?!“
Јас сум Узурџан Медик, по професија сум медицинска сестра и моментално работам како активистка во НВО Центар за развој на ромската заедница „Баирска светлина“ во Битола. Мојот татко е еден од основачите на ова здружение кое постои веќе 16 години и се занимава со правата на Ромите. Од мали нозе учествував на различни обуки, работилници, манифестации и забележував колку многу труд се вложува за подобрување на правата на ромската заедница.
После толку многу работа, сметав додека пораснам јас нема да биде потребно да се занимавам со решавање на проблеми кои ни ја омаловажуваат нашата ромска заедница. Сметав дека ќе живееме во унапредна држава во која што сите ќе бидеме еднакви, ќе се сакаме и почитуваме. Како иден активист во здружението сметав дека ќе биде потребно повеќе да се насочам кон промовирањето на нашата ромска култура и традиција.
Но, за жал колку повеќе растев јас, толку повеќе растеа и проблемите на Ромите. Сведок сум на многу проблеми со кои се соочуваат Ромите, но ќе ви раскажам за проблемот којшто најмногу ме има погодено до сега.
Ова лето одејќи си накај дома од работа мои блиски пријатели ме прашаа: „Узурџан, како може ова само на нас Ромите да ни се случува? Зарем никогаш нема да успеете преку вашата невладина организација да го решите проблемот со дискриминација?“ Во моментот кога ми го соопштија немилиот настан се почувствував како паразит затоа што после толку многу упорност и работа сѐ уште постојат луѓе кои ја омаловажуваат мојата заедница. Организирав работилници за подигање на свеста во ромската заедница, а не сум свесна дека сѐ уште постојат луѓе и институции со кои треба да се работи на истото прашање.
Имено, станува збор за случај кога на неколку момчиња од ромска националност им беше скратено правото да го користат градскиот базен „Довлеџик“ во Битола. Соодветно облечени, со пари во рака чекале како и сите останати пред нив да си купат карта за влез. Кога стигнале на ред да извадат карта биле одбиени и вратени со изговор дека немале сезонска карта, а сите пред нив исто така немале сезонска карта. Лицето Е.А. го запрашал обезбедувањето колку чини една сезонска карта за да си платат. Но, и после тој обид, повторно биле вратени со изговор: „Извинете дечки, имаме наредба од газдата од вашите да не пуштаме.“
Тие со наведнати глави и понижени се упатиле накај дома. На неколку метри од нивното заминување некој човек кој исто така чекал на ред за влез го запрашал обезбедувањето зошто не им дозволува да влезат. Тој на тоа им одговорил: „Како да ги пуштам, не ги гледаш какви се црни ко маслинки?!“
„Баирска светлина“ заедно со Европскиот центар за правата на Ромите со седиште во Будимпешта веднаш покренаа постапка пред Основниот суд Битола против базенот во кој не им беше дозволен влез на момчињата од ромската заедница. Очекуваме овој случај да го добиеме и да го промовираме во јавноста со цел да се намали дискриминацијата кон ромската заедница во нашата држава.
Се надевам дека еден ден и ние Ромите ќе бидеме прифатени и третирани како луѓе. Нека дојде тој долгоочекуван ден кога и во нашата Македонија ќе постои еднаквост, а за тоа да го постигнеме ми треба помош од секој што ќе го прочита овој текст и го сподели. Секој да може да го прочита и да увиди доколку ја има направено истата или слична грешка, колку е тоа болно за спротивната страна и се надевам дека повеќе никогаш нема да ја повтори.
Автор:
Узурџан Медик