Дневен центар за деца на улица – светлата точка на многу деца од Шуто Оризари

Дневниот едукативно-забавен центар за деца на улица во Шуто Оризари започна да функционира од февруари 2006 година во рамките на Здружението за заштата на правата на детето и оттогаш работи во континуитет до денес.

Преку престојот во Дневниот центар, децата добиваат можност од дневно згрижување, одржување на својата лична хигиена, воспитување и образование, задоволување на основните развојни потреби, потребите од игра, дружење, развивање на своите капацитети и учење на нови корисни работи, кои средината во која живеат не им дозволува.

Децата, исто така, добиваат заштита од економска експлоатација, психо-социјална поддршка, здравствена грижа и заштита, пристап во предучилишно и основното образование, како и поединечни и групни состаноци со нивните родители за подигнување на родителските одговорности, должности и обрски, но и за правата на децата. Во Ценатарот се одвиваат и конкретни активности за обезбедување на здравствената заштита преку вакцинација и превентивни здравствени услуги преку кои им е обезбеден полесен пристап до здравствената заштита и остварувањето на нивните права. Туку влегува и превентивното спречувањето на ширење на инфективните заболувања и редуцирање на вошливоста, обезбедување на лекарска терапија препишана од страна на лекар, имунизација, организирање на едукативни работилници за здравствена култура и важноста од одржување на личната, но и колективната хигиена.

„Овде ми е многу убаво. Се чувствувам многу среќна, слободна, безбедна и заштитена од моите родители. Тука јадам, се бањам, ми даваат чиста облека и кога сум болна тие се грижат за мене, но и кога сум многу тажна тие ми пружаат утеха и многу љубов. Тука научив да пишувам и читам. Научив културно да се однесувам, да другарувам со моите другарчиња, ги научив месеците во годината, годишните времиња, градови, континенти…знам и математика, да собирам, одземам, множам и делам. Тука научив во кој ден и датум е мојот роденден, научив колку години имам. Јас сум многу среќна кога го прославуваме мојот роденден. Среќна сум и кога патуваме надвор од Скопје. Засекогаш ќе го памтам моето прво зимување во Пелистер и моето прво летување во Струга. Прекрасно беше!

Од Центарот ми помогнаа да се запишам на училиште. Тие ми обезбедуваат училишен материјал: тетратки, моливи, фломастери, боички… Претходно освен улицата, не знаев за ништо друго. Одев на просење со мојата мајка, браќа и сестри. Сега веќе ги знам моите права. Сега често пати и се спротиставувам на мајка ми и велам дека децата не треба да просат, но таа наместо да ме разбере ќе ме истепа… а понекогаш и не ми дава да јадам. Но, јас веќе не и се плашам, тука се моите наставнички од Дневниот центар кои постојано ме заштитуваат.“ – ни раскажа 15 годишната Р.М., која во Дневниот центар за деца на улица е запишана од мај 2010 година, а во учебната 2010/11 година е запишана во образовниот систем

Децата на улица не се препознаени како посебна категорија во ниедна меѓународна Конвенција, па со тоа не уживаат посебна заштита. Нема механизми да се заштитат од питачење или експлоатација преку работа овие деца се обично надвор од системот за социјална и здравствена заштита, питачат, не се вклучени во образовниот систем и често се правно невидливи.

Поради условите во кои живеат овие деца се изложени на низа здравствени ризици. Имаат малку облека на нив особено во зима, не се хранат редовно ниту квалитетно поради лошите економски услови. Положбата на ранливите семејства ја карактеризираат супстандардната инфраструктура, низок здравствен статус, ниско ниво на образование, сиромаштијата, невработеноста. Здравјето кај маргинализираните ромски семејства, семејства кои живеат во импровизирани домови, без вода, струја, се карактеризира пред сé со повисока стапка на појавата на хронични и заразни заболувања, кожни инфекции кои во многу аспекти од јавниот и социјалниот живот се должат на исклученоста од здравствениот систем на заштита, од пристапот на здравствените услуги и сервиси. Тие се соочуваат со низа бариери како недоволни знаења во однос на нивните здравствени права, неможност за плаќање на партиципацијата на здравствените услуги и лекови, болничките третмани, а неповолните услови за стекнување на здравствено осигурување на лица без лична документација дополнително ја продлабочува исклученоста и нееднаквоста. Сите овие состојби претставуваат пречки во процесот на остварување на правото на здравстената заштита, меѓутоа уште повеќе претставуваат ризик фактори за здравствената состојба на ранливото ромско население.

„Во Дневниот центар за деца на улица почнав да доаѓам од 2008. Пред тоа молев за пари низ улиците со татко ми и моите браќа и сестра. Јас и сестра ми не сакавме да одиме ама бевме принудени од татко ми. Ноќта ја минуваме гладни, бидејќи не сме заслужиле да јадеме. Мајка ми и постариот брат често го поддржуваа татко ми. Но, откако доаѓам во Центарот, конечно се чувствувам сигурна и заштитена. Тука во Центарот не сум сама. Јас сум овде со моите три браќа и две сестри. Наставничките ми помогнаа и ги спречија татко ми и мајка ми кога се обидоа да ме дадат за повозрасно лице. Понекогаш за време на викендите, кога ние не сме во Дневниот центар, татко ми повторно не принудува да просиме… да молиме за пари. Но, јас секогаш им кажувам на моите наставнички, а тие ги викаат на разговор.

Сега имам 16 години. Центарот за деца на улица ми помогна да се запишам на училиште, но и да бидам редовна. Поради возраста бев префрлена во вечерното основно училиште „Ас Макаренко“. Сега веќе знам да пишувам и читам. Сакам да цртам, бојам… да учам песнички. Многу сакам да се бањам, да мијам заби, бидејќи дома немам ниту струја ниту вода. Тука наставничките многу се грижат за мене, за сестрите и трите браќа. Имаме оброци, медицински прегледи, чиста облека. На училиште тие не испраќаат, но и дочекуваат. Ни помагаат во пишување на домашните задачи. Тие нам ни се сé и многу ги сакам. Навистина сум многу среќна тука. Тука израснав. Мислам дека и моите браќа и сестра истото го чувствуваат.“ – ни раскажа 16 годишната Р.Е.

Овие ранливи ромски семејства се мошне специфични и за нив е потребен специфичен пристап за да можат да го задржат напредокот. Потребен е сериозен и повеќесестран третман, обезбедување на достапни средства и ресурси. Ние како граѓански организации сме само една алка, како што во изминатите 11 години ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување придонесува за подобрување на здравствената состојба на оваа ранлива популација Роми, од аспект на правна помош, заштита на здравствените права, на пополнување документи за здравствено осигурување, преговори со здравствени институции и придружба до нив, бесплатни анонимни и доверливи сервиси од областа на сексуалното и репродуктивно здравје, ХИВ тестирања, гинеколошки и дерматовенеролошки прегледи, советувања итн. Се спроведуваат и едукативни работилници со децата згрижени во Дневниот центар за деца на улица на разни теми како малолетнички бракови и малолетничка бременост и нејзини ризици, врсничка едукација, работилници за хигиена итн.

 

Ирена Велковска,

Дневен центар за деца на улица – Шуто Оризари

 

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »