Доколку не дојдеше Љатифа не знам што ќе се случеше со мене и моето бебе

Моето име е Нерџивана, имам 15 години и мажена сум во Шуто Оризари за мојот сопруг Рамадан. Не знам од кои причини мојата мајка Ашима мене и постарите сестри не не пријавила навреме во матичната книга на родени, поради што останавме без извод, само знам дека сум родена дома, а не во болница.

Во меѓувреме останав бремена и тогаш започнаа проблемите со семејството на мојот сопруг бидејќи немав лични документи.

Неговото семејство е многучлено и живее од социјална парична помош, која изнесува 2.500 ден. Мојот сопруг е собирач на пластични шишиња, работи секој ден и месечно заработува околу 3.000 ден. Малку, но сепак доволно за да можеме да преживееме.

Бидејќи бев бремена имав потреба да одам на лекар гинеколог, но немав здравствено осигурување и плави картони, а приватните прегледи чинеа многу пари. Бев беспомошна било што да направам. Од мојата мајка разбрав дека во Шуто Оризари има невладина организација која помага да се решат ваквите проблеми и се вика „Амбрела“. Јас, мојата свекрва и мојот свекор се упативме таму да ја побараме Љатифа. Таа многу добро не прими, го слушна нашиот проблем, ни кажа дека проблемот е тежок и дека ќе потрае подолго време за да се реши. Прво што направи ме однесе во МЦ „Сакам да знам“, сервис на НВО ХЕРА, на разговор со социјален работник,  преку која закажував бесплатни прегледи на гинеколог, бев многу среќна и полна со надеж дека сум на вистинско место и со вистински луѓе и дека мојот проблем ќе биде трајно решен.

Со Љатифа започнавме постапка за упис на моето раѓање во матична книга на родени, беа потребни многу документи да се соберат (картон од имунизација, потврда од гинеколог за мајка ми, потврда од педијатар за проценка на мојата возраст, сведоци присутни при моето раѓање во домашни услови и ДНК анализа), лична документација од мајка ми.

Љатифа побара од нас да бидеме одговорни, да соработуваме и да бидеме достапни, кога ќе треба лично да дојдеме за одење до соодветните институции со нејзина придружба и посредување. Целосната документација потребна за упис во матичната книга на родени беше обезбедена, ја доставивме во Управата за водење на матична книга на родени, а со тоа започна и постапката за мојата регистрација.

Додека се чекаше решение за упис во матичната книга на родени, во раните утринските часови  добив породилни болки. Заедно со моето потесно семејство се упативме во Клинички центар ГАК во Државна болница. Докторката не сакаше да ме прими затоа што немав соодветна здравствена документација, свекорот се обиде да и го објасни мојот случај, но таа не сакаше да слушне, ни кажа да ја напушиме ординацијата. Бев многу исплашена и беспомошна. Се најдовме надвор пред Клинички центар. Бидејќи не знаевме што да правиме, а породилните болки беа постојани, свекорот ја контактираше Љатифа која веднаш дојде на клиника. Откако  разговараше  со докторката бев примена и згрижена во болница, мислев дека ова мене не ми се случува, се брзо се одвиваше, после дваесет минути родив здраво женско дете бев пресреќна. Доколку не дојдеше Љатифа навистина не знам што ќе се случеше со мене и моето бебе.

Мојата постапка за упис во матичната книга на родени траеше цела една година. Благодарение на Љатифа и нејзината упорност и одговорност, сега имам извод на родени, лична карта, здравствено осигурување за мене и мојата ќерка. Го остварив и правото на социјална парична помош.

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »