Д-р Гоце од Брза помош – Делчево во битка со времето за спасување на животите на две деца

Во октомври 2015 година во Итната медицинска помош во Делчево амбулантски беше донесено 7 годишно дете од ромска етничка припадност.  Од анамнезата рекоа дека пиело таблети што ги нашло играјќи си на улица и помислило дека се бонбони. Лицата кои го придружуваа детето ја носеа кутијата од лекот, од која можеше да се види дека станува збор за седативи, меѓутоа не можеа да дадат податок колку точно апчиња испило. Во тој момент, што никогаш дотогаш не ми било пракса, се сетив да ги проверам џебовите на детето, каде извадив лента од таблетите Верапамил 80 и тогаш веќе почна и борбата за живот на детето. Веднаш почнавме со укажување на здравствена заштита, направивме лаважа и тоа неколку пати сѐдо целосно промивање на желудникот. После тоа почнавме со давање на антидотска терапија односно медицински јаглен, витаминска терапија, гликоза и останата симптоматска терапија.

Кога веќе беше спремно детето за транспорт во тој момент добивме уште еден повик на бројот 194 дека и на неговото 5 годишно братче е исто така со симптоми на труење и дека и тој пиел од истите лекови. Тогаш веднаш презедовме мерки апсолутно по истиот начин како и во правиот случај, само за разлика кај ова дете блокот на срце беше со поголемо оптеретување односно четврти степен.

Додека се подготвуваше медицинскиот тим за транспорт, почнав длабоко да размислувам што е тоа што ги натерало овие две мали дечиња да посегнат по таблетите. Знаев дека се социјално исклучени, дека живеат од социјална помош и дека нивната баба често ја имам гледано во канцеларијата на НВО КХАМ. Почувствував тежина на душата и заклучив децата биле гладни, затоа посегнале по таблетите мислејќи дека се бонбони. Гладот била причината за несреќата, а сите ние само немо ги санираме последиците кај невините и изгладнети деца. Изгубениот поглед на нивната баба најпосле се сретна со мојот и тој поглед ми раскажа сѐ, зборови не беа потребни. Тој поглед зборуваше: Докторе, те молам спаси ги моите ангелчиња.

Кога веќе беа спремни пациентите за транспорт, од Делчево тргнавме најпрво во Педијатрија во Клиничка болница во Штип. По пат, покрај дотурот на антидодска и сиптоматска терапија се соочивме со обилно повраќање од двете деца, паѓање на крвниот притисок речиси немерлив, забавена работа на срце, зашеметеност и поспаност кај двата пациенти. Во Штип стасавме за 45 минути, најбрзо што можевме, дежурниот лекар само ме праша што терапија сум дал на пациентите, ми рече дека многу добра комбинација сум направил од лекови и доколку има други нарушувања на важни витални функции да преземам мерки и за нив и ако откаже срце да го користам и дефибрилаторот. Од таму веднаш нѐ упатија во Скопје на Клиниката за педијатрија, бидејќи за вакви итно болни пациенти немале услови во болницата во Штип.

По пат за Скопје продолживме со следење на состојбата кај пациентите, за наша среќа успеавме да ги одржиме во живот и не го користевме дефибрилаторот. Кога стасавме на Клиниката за педијатрија во Скопје, дежурниот лекар беше изненаден како сме успеале 200 километри да ги одржиме децата во живот. Лекарот ни кажа дека во вакви ситуации досега имале преживеани деца само на територија на град Скопје, но ова е првиот случај од внатрешноста на Македонија да преживеат деца со ваква интоксикација.

Следниот ден околу 08 и 30 мин. ми се јави дежурниот лекар и ме информира дека децата преживеале и се во стабилна состојба, дека веќе се надвор од животна опасност, ми се заблагодари за ажурноста, динамиката и укажаната здравствена заштита. Не ми е прв итен случај, но овој е специфичен заради општествената неодговорност и затајувањето на сите во општеството, заедно со мене. Како можевме да си дозволиме изгладнетоста да биде причинител за можна смрт на две прекрасни дечиња. Она што ми даде сила за да продолжам со работниот ден е дека децата се спасени и што луѓето ми веруваа дека правам се што можам како доктор. Да се биде доктор не значи само да лекуваш болести туку и да си хуман и да им помагаш на луѓето во сите ситуации. На тоа не повикува и Хипократовата заклетва која сме ја дали со дипломирањето.

Инаку,  моја лична анализа за сето тоа е дека јас не направив ништо повеќе од она  што сум го учел, тоа што го знам и што го работам како професија, сепак сум среќен што успеав да помогнам во ситуација кога бев најмногу изморен бидејќи бев дежурен 12 часа и кога на крај на смена излезе овој случај веднаш без размислување тргнав на пат. Во нашата работа секогаш забораваме на уморот, бидејќи лекарот е длабоко всаден во нашата душа.

После една недела дојде и бабата да ми се заблагодари. Се срамеше и не знаеше како да се заблагодари. Нејзините движења укажуваа чувство на вина, дека таа е крива што им се случило на децата. „Не се секирај госпоѓо децата брзо ќе оздраваат“, и реков за да ја охрабрам. Жената излезе од ординацијата видно задоволна, се гледа дека и олесни. Сега повторно има за кого да се бори и кого да милува во животот. Животот за неа повторно има цел, а за мене уште еден потстрек да им помагам на луѓето и надвор од работното време.

Овој случај е специфичен сам по себе бидејќи станува збор за деца Роми чии родители се разведени, ги чува таткото, кој е корисник на социјална помош, и бабата. Пациенти кои немаат здравствено осигурување, но вакви ситуации за мене тоа не е важно дури не ми е ни потребна ни здравствена легитимација. Она што е важно е да се помогне таму каде што е најпотребно како во случајов. Мене не ми е важна националноста, партиската определеност на луѓето, туку секогаш сакам да помогнам таму каде што е најпотребно.

Исто така, ќе напомнам дека кога имам пациенти од ранлива категорија и се итни секогаш најблиските членови од фамилијата ги информирам и ги упатувам доколку е можно и постојат услови да им се помогне и од други институции, како што е Центарот за социјална работа и политика, невладини организации како што беше во овој случај НВО КХАМ – Делчево и сл. Свесен сум дека никој нема да остане рамнодушен и секој ќе помогне колку што може. Инаку, не само во овој случај, НВО КХАМ секогаш прави големи напори за помош на ранливи категории на луѓе посебно од ромската популација со што става голем акцент од областа на хуманоста. Затоа и во иднина остануваме отворени за соработка со сите надлежни институции кога е во прашање хуманоста и помош во однос на итност.

 

М-р д-р Гоце Стојменовски,

Итна медицинска помош – Делчево

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »