Го јакнам својот дух преку давање лекарска помош на терен кога другите не можат
Јас сум Аријета Тахири од Гостивар. Студентка сум на Општа медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Како припадничка на ромската етничка заедница, една од посилните причини поради кои решив да продолжам да студирам медицина беше една непријатна ситуација во Клиничкиот центар на која бев сведок како волонтерка. Стануваше збор за прекршување на моралната етика и дискриминација кон пациентка Ромка од страна на докторот на едно од одделенијата во болницата. Докторот со омаловажување зборуваше за нејзината претходна психичка нестабилна состојба и како сега повторно истата има здравствени проблеми.
Во тој момент, како волонтерка сметав дека морам да молчам и да помогнам на медицинската сестра, да ги испонувам дадените задачи. Меѓутоа после таа ситуација, си ветив себеси дека нема да дозволам некој да ги омаловажува правата на жената. Јас ќе бидам таа која ќе направи промени за жената Ромка. Кога на пациентите ќе им биде кажано дека д-р Аријета е на смена, сакам да влезат на преглед со олеснување дека пред нив стои докторка Ромка, која можеби не знае добро албански, покрај тоа што името и е албанско, или пак турски, но знае дека на работно место познава само пациенти и не разликува нација. Кога ќе ме прашаат дали може да зборуваат албански или турски затоа што македонскиот не им е толку добар, со гордост да кажам: можете да зборувате на кој јазик сакате, јас сум докторка, ќе ве разберам затоа што ние докторите знаеме да ве разбереме и без добар говор или јазик, тоа ни е професионалност .
Низ годините, за време на моето студирање, дополнително го јакнев својот дух и ја хранев својата душа како медицински работник кога другите не можеа да излезат на терен, да асистираат при укажување на лекарска помош, јас можев. Дури и кога имав свои проблеми, кога можев да кажам „не можам“, одбирав да си пркосам себеси, да го победам предизвикот и да одам да направам добро дело, за мојот народ, за мојата иднина, за децата, затоа што тие се нашата иднина. Знаев дека топлината, насмевката, грижата и вниманието кое го посветувате на децата тие не го забораваат тоа. Ќе го запаметат вашето лице и кога ќе пораснат и нема да знаете кои се, тие ќе ве препознаат вас и ќе ви помогнат. Затоа што доброто со добро се враќа.
Пред неколку месеци асистирав во работа на терен под Кале. Имаше и возрасни и деца. Не е етички и не смеам да откривам за нивната здравствена состојба, но зарем не е срам во 21-ви век да си дозволиме Скабиес? Без разлика дали се Роми или не, душата боли кога гледате свој народ во лоша здравствена состојба, вие сте медицинско лице, а немате моќ да им помогнете повеќе од медицински совет. А децата? Со насмевката која им ја подарив на децата, желни некој да дојде и да им помогне, а гледајќи „свој човек“ ми вратија со насмевка. Такви се децата, чисти души, на насмевка одговараат со насмевка, на љубов одговараат со љубов, на грижа одговараат со грижа. Што да им кажев да направат тоа го правеа, без сомнеж, само со вербата дека ќе биде подобро, дека направиле нешто добро. Токму затоа сите ние од нив треба да учиме. Тие се движечката сила, нив треба да им подаруваме сѐ најдобро, затоа што од идните генерации зависиме дали ќе се смени нешто кон подобро. Колку добро нив ги воспитуваме, толку и ќе возвратат.
И да, најубаво е чувството да имате храброст да зборувате кога сите други немаат, кога сите други молчат, а вие го правите тоа што ви наложува совеста, затоа што ќе спиете со мирна совест. Така се прават промените, кога во време на морални кризи, другите молчат, а вие зборувате. Кога сите ве слушаат затоа што немале храброст нешто да кажат, ја будите свеста дека можеле да зборуваат, дека никој нема да биде осудуван затоа што го кажал своето мислење, затоа што е потребно само ХРАБРОСТ!
Аријета Тахири,
Студентка по Медицина