Имаат пари само за бајачки, но не и за лекови

Јас сум Едвин Салиов, параправник при НВО „КХАМ“ во Виница и моја задача е да помагам на ромската заедница при остварувањето на нивните здравствени права. Проблеми и предизвици има многу. Дел се поради неинформираност на ромската заедница, а дел се поради проблемите со невработеноста и сиромаштијата. Многу е тешко да си ги гледаш блиските, од кои дел ти се и роднини, како не можат да им купат лекарства на своите деца, а да не зборуваме за прегледи и контроли во Штип и во Скопје.

За време на мојата теренска работа со колегата Себастијан во мај 2017 година поминавме и кај сограѓанката Пембе. Надвор ги переше алиштата на своите деца во корито, пареата беше насекаде околу неа. „Добар ден госпоѓо, како си, како сте по дома?“, прашав иако знаев дека нема многу да ме израдува нејзиниот одговор. Пембе продолжи да ги истиснува алиштата, ни го заврте грбот и зеде друг куп кој го стави во коритото да кисне. Потоа се заврте и ме погледна, сакаше да каже нешто, ама одмавна со рака. Продолживме да одиме со Себастијан по патот, молчевме, не знам зошто но, се чуствувавме виновни.

Следниот ден во нашата канцеларија дојде сопругот на Пембе. Ни ги кажа проблемите во еден здив. Укината им е социјалната помош и веќе 4 години се без истата затоа што брат и на Пембе им пуштил пари  60.000 денари преку Вестерн Унион за да ја потпрат куќичката во која живеат и да направат шупа. Пари немаат ни за живот, а не за лекување. Кога некое од децата ќе се разболи понекогаш одат и на бајачка затоа што ќе дадат по 20 денари, кој колку има, па што биде ќе биде. Вода немаат и мора надвор да се перат алиштата, а живеат од амалското работење на сопругот на Пембе, цепење на дрва и мешање на малтер.

Ова ме мотивираше да се заземеме со решавањето на овие социјални проблеми. Преку Канцеларијата на НВО „КХАМ“ од Делчево бевме упорни и баравме, и баравме да се укине одредбата со која на лицата им беше укината социјалната помош. Во пресрет ни излезе Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која со нејзиниот тим донесе одлука со која на лицата на кои им беше укината социјалната помош поради брз трансфер на парични средства, повторно да се стекнат со право да користат социјална помош.

Најпосле битката ја добивме, иако имаше неколку месечна опстркуција од страна на Центарот за социјални работи во Виница, но и празнини во одлуката на самото Министерство, конечно 40 семејства Роми повторно се стекнаа со правото на социјална помош. Одржавме повторно состанок со ромските семејства да ги прашаме дали се сега задоволни и дали им се подобри социјалната положба. Луѓето ми се чини беа уште пореволтирани од претходно. Добија решенија во просек од околу 2.000 денари, исто како сите овие 4 години да биле редовно корисници на социјална парична помош, па помошта им е преполовена.

Моравме да бараме понатамошни системски решенија. Менторот за вработување на Роми ни кажа дека сега е полесно затоа што лицата се стекнале со решенија за социјалци и дека сега тече програма за вработувања на такви лица. Отидовме до сите фабрики во Виница и го презентиравме конкурсот. Газдите на фирмите рекоа дека им одговара ваквата субвенција и примија на работа досега околу 20 корисници на социјална парична помош кои се Роми, меѓу нив е и Пембе. Пембе сега ќе заработува најмалку 12.000 денари во текот на најмалку 1 година.

Но, не застанавме тука. Организиравме средба со министерот без ресор, Аксел Ахмедовски, и локалните власти и веќе имаме и проект кој од март ќе се реализира, во рамките на кој се предвидува вода да добијат и овие 10 семејства кои беа заборавени од општеството.

Ја сретнав Пембе како се враќа од работа. Ја поздравив со „Добар ден Госпоѓо, како сте?“. Пембе гордо ме погледна, се гледаше дека е среќна и дека знае што направивме не само за неа туку за сите семејства кои го имаа истиот проблем. „Фала Едвин, добро сум. Да ми дојдете со Себастијан на кафе, мажот многу сака да ве види и да ви се заблагодари.

Сега пред Пембе се нови предизвици. Сега има за егзистенција, можат да планираат како да си го организираат животот, а се бара решение и за нејзиниот сопруг. Но, она што со сигурност го знам е дека ниту Пембе ниту другите 20 семејства нема своите деца да ги носат на бајачки и ќе можат да ги носат своите деца нормално на лекар.

 

Едвин Салиов,

Параправник во НВО „КХАМ“

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »