Искуствата на д-р Владимир Нанчевски – вработен во Ургентен центар Гостивар

doctor-2Јас д-р Владимир Нанчевски сум вработен во Ургентниот центар во ЈЗУ „Ферид Мурад“ во Гостивар веќе 4 години и можам да кажам дека како и на секој лекар, па така и мене, задоволство ми е кога се грижам за здравјето на луѓето.

Да се работи како лекар е навистина големо задоволство, но од друга страна нашата работа е навистина доста одговорна и стресна бидејќи секојдневно се среќаваме со пациенти кои се соочуваат со најразлични здравствени проблеми.

Постојано сум во контакт со луѓе од различна етничка припадност, но за мене како лекар, без разлика кој е, каков е и од каде доаѓа, секој човек за мене е пациент пред кого морам да бидам хуман, професионален, одговорен во својата работа со цел да влијаам на подобрување на здравствената состојба на секој пациент кој ќе побара помош од мене.

Меѓу другото, при мојата работа секојдневно се среќавам и со пациенти од ромска националност кои се јавуваат кај нас на преглед и кои бараат помош во Ургентниот центар во Гостивар. Искуството кое го имам со пациентите Роми е различно од почетокот на мојата работа и денес после неколку години работно искуство. На почетокот кога почнав да работам често ми се случуваше при извршување на преглед, да почувствувам дека постои некаква бариера меѓу мене и пациентите Роми, и тоа не јазична бариера бидејќи Ромите  во Гостивар добро го зборуваат македонскиот јазик, туку некаква несигурност, резервираност, повлеченост и неможност да ја добијам нивната доверба и да дојдам до некои анамнестички податоци кои се од корист за понатамошно иследување и поставување на соодветна дијагноза. Понекогаш ми се случуваше после два до три дена во моја смена повторно да дојдат исти пациенти, и можев да увидам дека не се придржувале на моите совети или не ги пиеле лековите онака како што јас им кажав. Едноставно, чувствував дека нешто недостасува во мојата комуникација со пациентите Роми.

Да бидам искрен во надминување на овие проблеми за подобро воспоставување на комуникација со пациентите Роми и стекнување на доверба многу ми помогна мојот колега д-р Ариф Пини, кој  работи како специјалист интернист во Ургентниот центар. Честопати во комуникација и разговор со него ми објаснуваше за неговиот народ со кои проблеми се соочуваат во секојдневниот живот и како да воспоставувам подобра комуникација со нив.

Сфатив дека за да имам успех во лекувањето многу е важно да имам разбирање за нив и дека понекогаш треба подобро да им објаснувам како и во кој временски период да ја пијат препишаната терапија и дека треба да се јавуваат на контролни прегледи.

Од мое лично искуство би сакал да дадам препорака до сите пациенти, па и до пациентите Роми, дека за нас како лекари од голема важност е пациентите на време да се јавуваат на лекар доколку имаат некој здравствен проблем, и без разлика на сѐ да ни кажуваат за нивните здравствени проблеми и симптоми со кои се соочуваат. Бидејќи во нашата професија од голема важност е да имаме добра комуникација со пациентите, односно добро земената анамнеза ни овозможува да дојдеме до соодветната дијагноза и на тој начин да им помогнеме на пациентите.

                                                                                                                        Д-р Владимир Нанчевски

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »