Како и каде до бесплатни здравствени услуги во Шуто Оризари?

Немате здравствено осигурување, немате матичен гинеколог, итно ви требаат прегледи и совет од дерматовенеролог, не знаете каде да се обратите за советување?

Вратите на Младинскиот центар „Сакам да знам“ во Шуто Оризари се широко отворени за сите од вас! Бесплатно, доверливо, анонимно – сѐ што ви треба како услуга за сексуално и репродуктивно здравје, ќе го добиете тука.

Што може да добиете во „Сакам да знам“?

Младинскиот центар „Сакам да знам“ како дел од сервисите на ХЕРА е отворен во 2006 година и е лоциран во Здравствениот дом во Шуто Оризари. Отворен е секој работен ден од 10 до 17 часот. Овој Центар обезбедува бесплатни услуги, прегледи, советувања, тестирања за сексуално преносливи инфекции кои се наменети за ранливи и маргинализирани групи на млади. За сите од услугите кои се нудат во Ценатарот не е потребно здравствена легитимација ниту пак лична документација, бидејќи сервисот ги почитува принципите на: доверливост, анонимност и доброволност. Сите услуги кои се нудат се бесплатни. Луѓето ги користат услугите од Центарот бидејќи се квалитетни и едноставно пристапни за сите, особено за младата популација. Младите, за жал, немаат каде да добијат информации од областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права, затоа често голем дел од нив доаѓаат во Центарот со цел да ги добијат потребните информации и совети, бидејќи тој е единствен од ваков карактер.

Гинеколог за 8.000 жени

Два пати во неделата доаѓа гинеколог кој нуди гинеколошки прегледи, советувања и тестирања за сексуално репродуктивно здравје. Оваа услуга е максимално искористена бидејќи проблемот со матичниот гинеколог во Шуто Оризари  сѐ уште не е решен, не е изнајдено решение и овој сервис се користи како единствена алтернатива. Оваа услуга во моментов е најпотребна за 8.000 жени коишто се во репродуктивен период, а немаат матичен гинеколог во општина Шуто Оризари. Голем број од младите доаѓаат со цел да земат бесплатни контрацептивни средства кои што се нудат во Центарот, а тоа се: кондоми, лубриканти, орална, итна контрацепција и спирали. Поради социо-економскиот статус на голем дел од населението и многудетноста, потребата и употребата на контрацептивни средства е голема и доста битна. Центарот е доста важен и препознатлив по тој сегмент затоа што благодарение на неговото постоење поголем дел од населението го планира своето семејство и го намалува ризичното однесување.

Што друго има во центарот?

Еднаш во неделата се нудат дерматовенеролошки прегледи и советувања од страна на дерматовенерологот за сите оние на кои што им е потребно. Најчесто доаѓаат млади коишто имаат кожни проблеми и млади коишто имаат некакви проблеми поврзани со сексуално преносливи инфекции и сакаат да направат тестирања за хламидија, гонореја, хепатит Б или сифилис. Оваа услуга е доста барана и искористена бидејќи од страна на давателот на оваа услуга покрај прегледите се даваат и одредени медикаменти бесплатно, доколку има потреба. Исто така, еднаш неделно се прават  ХИВ тестирање и советување. Оваа услуга му овозможува на клиентот да добие доброволно советување, кое ќе му помогне да направи информиран избор поврзан со неговиот ХИВ-статус и да преземе соодветни акции откако ќе го дознае сопствениот ХИВ статус.

Правна помош за сите

Граѓаните од општина Шуто Оризари, кога имаат потреба од правна помош и советување тоа го добиваат од страна на правникот. Голем дел од луѓето имаат потреба од помош при изготвување на тужби, жалби, претставки и други поднесоци од областа на социјална заштита, здравство и дискриминација.

Кој и зошто доаѓа во „Сакам да знам“?

Секојдневно доаѓаат луѓе за советување и помош за остварување на одредени права и услуги од социјалната заштита кај социјалниот работник. Тој ги  советува за тоа дали некои може да оствари социјална парична помош, постојана парична помош, паричен надоместок за помош и нега од друго лице, родителски додаток за трето дете и сл. и што е потребно за да го остварат истото. Честопати луѓето доаѓаат да пријават семејно и родово базирано насилство, при што од социјалниот работник добиваат психо-социјални советувања и придружби до одредени институции.

Исто така, редовно се реализираат едукации и работилници со млади и родители од страна на социјалниот работник и психолог на најразлични теми за сексуално-преносливи инфекции и ХИВ, планирање на семејство, малолетнички бракови и бременост, контрацепција, семејно насилство, родителски стилови на воспитување и сл.

Од страна на општиот лекар, како давател на услуга, се вршат прегледи на лицата кои немаат здравствено осигурување како примарна заштита, се прави имунизација на деца кои се надвор од образовниот систем. Оваа услуга е доста потребна и значајна за оние кои што немаат здравствено осигурување и немаат лична документација, кои доколку сакаат да направат било каков преглед мора за истото да платат на приватно. Со оваа услуга тоа им е олеснето бидејќи истата ја добиваат бесплатно. Се прават едукативни сесии со деца и родители за редовно одржување на хигиена и хигиенски навики, пубертет, здравствени проблеми кај возрасни жени, кои се доста корисни и потребни за подигнување на свеста и промена на нивните навики.

Корисниците кои ги користат услугите на Центарот имаат голем бенефит од неговото постоење. Незамисливо е ако не постои Центарот за целото население на Шуто Оризари и пошироко бидејќи квалитетните и бесплатните услуги се пристапни и достапни за сите. Доколку во иднина не се изнајдат финансиски средства за опстојување на истиот, животот на многумина би се довел во опасност.

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »