Легализација на имот – пречка при остварување на правата од здравствената заштита

Жителите од ромската етничка припадност во битолската населба „Петочна вода“ живеат во супстандартни услови и секојдневно се соочуваат со многубројни проблеми.

Еден од позначајните проблеми, кој се однесува на сопственоста на човекот врз неговиот имот, како основно човеково право во оваа битолска населба е повредено и оневозможено, и покрај поднесените барања за легализација.

Карактеристика на дивонаселената населба „Петочна вода“ е улицата Караорман бр. 111, која претставува иницијалната каписла за проблемите на Ромите од оваа населба. Конкретно, жителите на оваа населба се соочуваат со проблеми од областа на легализација на своите домови, слабиот интензитет на електрична енергија, проблем со пристап до вода, добивање лична документација и секако отежнат пристап и комуникација со Здраствениот дом и Клиничкиот центар во општина Битола.

Проблемите кои произлегуваат од неурбанизираната и дивонаселената населба во областа на здраствената заштита се: отежнат пристап и комуникација со здраството во моменти кога е потребно да се изврши вакцинација на децата Роми, пристигнување на одредени покани, доставување опомени итн.

Коренот на овие проблеми е тоа што огромен број на луѓе се водат на улицата Караорман бр 111. Оттука произлегува тешкотијата слободно и непречено да се  кореспондира помеѓу жителите на оваа населба и локалните институции.

За надминување на проблемот со неутврдениот правен статус на бесправно изградените објекти, Центарот за развој на ромската заедница „Баирска светлина“ презеде активен пристап и мерки кон решавање на оваа долгогодишна проблематика. Тимот на „Баирска светлина“ деновиве излезе на терен во населбата „Петочна вода“ и со поставување на штанд и делење на информативни летоци побуди огромен интерес кај жителите на оваа населба.

Информативната кампања се состоеше во објаснување и разјаснување на поимот легализација, што всушност претставува утврдување правен статус на бесправно изградени куќи, кој е надлежен за утврдување на правен статус на бесправно изградените куќи (во конкретниов случај, Општина Битола), кои се потребните документи коишто треба да ги обезбедат и од каде да ги обезбедат, како и рок на поднесување на комплетна документација за легализација.

На граѓаните од оваа населба им беше нагласено дека откако ќе ги обезбедат потребните документи, задолжително да се обратат во НВО „Баирска светлина“ за пополнување барања за легализација и истите заедно со релевантната документација да бидат доставени во Општината.

Се надеваме на искоренување на проблемот со легализацијата, која претставува корен на голем број проблеми од областа на здраствената заштита и личната документација.

 

 

Зенгин Еминов

Центар за развој на ромската заедница „Баирска светлина“ – Битола

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »