Мерките на Министерство за здравство не стигнуваат до жените од Шуто Оризари

Репродуктивното здравје на жените е основно човеково право, кое е битна алка за здрави поколенија и спречување на доенечката смртност како и смртноста на родилките. Токму затоа, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје секоја година креираат превентивни програми со цел да се подобри здравствениот систем на Република Македонија.

Во 2016 година, ние параправничките на терен ги информиравме жените од Шуто Оризари за следниве мерки кои им следуваат:

Програмата за партиципација предвидува бесплатни анализи во текот на бременоста за сите здравствено осигурани и неосигурани бремени жени, вклучително и хоспитализација во болница и бесплатно породување. За да се искористи оваа мерка потребно е матичниот гинеколог да издаде упат со шифра за степен на бремеността.

Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2016 ги предвидуваше следниве мерки:

Бесплатна фолна киселина и јод во текот на првите 3 месеци од бременоста. За искористување на оваа мерка беше потребно да се даде рецепт од страна на матичниот гинеколог за потоа да се подигне во Патронажните служби;

– Предвидени  беа од 2-3 посети на бремени жени од социјално ранливите категории во текот на бременоста од страна на патронажните сестри. Начинот за искористување на оваа мерка е матичниот гинеколог ги доставува податоците до патронажната служба со адреса и контакт телефон;

– Еднаш во неделата во амбулантата во Шуто Оризари да доаѓа гинеколог од СГАБ Чаир кој ќе нуди гинеколошки прегледи за жените во оваа општина;

Бесплатни јога вежби во текот на бременоста беа исто така предвидени во Превентивната програма за здравствена заштита на мајки и деца. Меѓутоа, начинот на искористување остана непознат, освен местоположбата, а тоа е Спортска сала „Борис Трајковски“.

Поттикнати од многуте жени од Шуто Оризари и нивните поплаки и потреби од терен, секоја година изготвуваме истражување, кое го нарекуваме „Карта со оценка на заедницата за здравствената заштита во текот на бременоста, породувањето и по породувањето меѓу Ромките од општина Шуто Оризари“. Ова истражување во 2016 година беше спроведено на територија на Шуто Оризари петта година по ред и со него беа опфатени 80 жени коишто имаат здравствено осигурување и 20 жени коишто немаат здравствено осигурување. Освен жените од заеднината беа опфатени и давателите на услуги односно најчесто посетувани гинеколошки ординации. Според последното истражување односно „Петтата карта со оценка од заедницата“ жените ги даваат следните податоци:

  • Само 2% биле посетени од страна на патронажните сестри во текот на бременоста;
  • Бесплатна фолна киселина и јод на 32% им беше препишан рецепт од страна на матичниот гинеколог додека само 22.5 % ја добиле оваа услуга;
  • 75% од испитаните жени знаат за гинекологот којшто доага еднаш во неделата во Амбулантата Шуто Оризари, а 18% од нив го посетиле овој гинеколошки кабинет;
  • 0% од жените односно ниту една жена не ја искористила мерката за бесплатни јога вежби во текот на бременоста;
  • 75% искористија барем една бесплатна услуга со упат од матичен гинеколог (пр. микробиолошки брис, лабораториски скрининг на аномалии итн). Како најефикасна се покажа токму оваа мерка;
  • Само 25% од здравствено неосигураните бремени жени искористиле барем една бесплатна услуга.

Токму затоа, овие податоци ни укажуваат дека предвидените мерки и програми не се искористуваат и донесувачите на овие програми треба посериозно да размислат дали овие мерки ако се покажат како неефективни навистина им  требаат на жените од Шуто Оризари.

Препораката на заедницата од последното истражување е:

ДА СЕ ОТВОРИ ГИНЕКОЛОШКИ КАБИНЕТ ВО ШУТО ОРИЗАРИ кој ќе нуди услуги како матичен гинеколог. Потребата, односно немањето на матичен гинеколог е основниот чекор за понатамошно остварување и искористување на мерките и програмите. А, самото искористување на мерките се превентива од понатамошни ризик фактори по здравјето на мајките и децата.

 

Салија Бекир Халим,

Иницијатива на жени од Шуто Оризари

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »