Мобилна гинеколошка амбуланта – здравствените услуги мора да бидат достапни подеднакво за сите!
„Како гинеколог со двадесетгодишно работно искуство во Делчево можам да кажам дека мојата професија е одговорна професија и дека истата ме исполнува во целост. Секојдневно се среќавам со пациентите, но најмногу се радувам кога се среќавам со нив од превентивен карактер или пак кога се работи за жени кои се бремени. Не може да се опише чувството кога разговарате со брачен пар кои го планирале своето семејство и кои се интересираат за напредокот на својата рожба и ја следат бременоста“, д-р Лилјана Тричковска
Во денешно време кога се живее под стрес, нездрава исхрана, појава на голем број на болести, многу е важно да му верувате на својот гинеколог и редовно да се оди на преглед. Карциномот и тоа како присутен во Брегалничкиот регион и претставува реална закана за женското здравје, а тоа пак бара превентивни активности, редовни контроли и ПАП тест еднаш годишно, како и мамографски прегледи за жените во зрели години.
Но, морам да кажам дека живееме во време кога има се повеќе подмолни болести и само со навремени контроли истите можат да се спречат. Од страна на државата се воведоа скриниг програми се со цел рана детекција и навремено лекување за да не дојде до фатални последици. Скринингот за рана детекција на грло на матка е еден од нив и со него се обезбедува бесплатен ПАП тест на секои три години за секоја пациентка од 24-60 години старост. Сепак, тоа е само дел од превентивата и наша препорака е да најмалку еднаш годишно да се посети гинеколог за да се направи контрола и ПАП тест.
Од 2014 година по предлог на НВО КХАМ јас сум ангажирана и како гинеколог во Мобилната гинеколошка амбуланта, услуга која ја нудиме во ромски средини и селата кои се оддалечени повеќе од 10 км од најблиската гинеколошка ординација. Така, на овој начин преку овие услуги ги опфаќаме Виница и селата Црник, Тработивиште, Вирче, Град и Разловци.
Во текот на мојата теренска работа во мобилната гинеколошка амбуланта се среќавам со најразлични животни судбини. Одлично сум прифатена од сите жени и посебно ме радува што истите ме прифаќаат за блиска, а на тој начин и стекнав и мои идни пациентки. Знаете, добриот глас надалеку се слуша, а ова е и добар начин за да се помогне на што повеќе жени.
Од страна на НВО КХАМ бев поканета волонтерски да одржам и неколку едукативни работилници за пациентките Роми, како и да извршиме и заеднички посети и средби во ромските средини. Реално, не верував дека постојат толку многу семејства во социјален ризик, иако сиромаштијата е присутна и кај македонски семејства. Чувствувам дека преку овие посети на некој начин созревав и повеќе научив за животот. Се радувам што ромските семејства ме прифаќаат. Оваа година бев и на Бајрам кај семејствата Арифови, каде се запознав со мудрости и адети, но пред сè топлина и желба за дружење.
Им порачувам и на моите колеги лекари и тие да бидат што повеќе во различни средини затоа што само така ќе научат многу повеќе за луѓето и полесно ќе ги разбираат. Преку разговор се наоѓаат решенија за разни проблеми, а информациите добиени од неформалната комуникација се непроценливи.
Од 2016 година сум член и на Координативното тело за здравство при НВО КХАМ се со цел сите заедно да ги споделуваме предизвиците и да придонесеме во барањето на решенија. Оваа невладина организација е подготвена да помогне при доставата на картички/покани за скрининг, како и да нè иформираат за случаите кога семејства кога се враќаат од странство. Ова е уште еден доказ дека кога имаме иста цел лесно се наоѓа заеднички јазик. Мојата цел е иста како и на НВО КХАМ – здравствените услуги мора да бидат достапни подеднакво за сите!
Д-р Лилјана Тричковска,
Гинеколог