На кафе муабет кај комшиите од село Црник

Јас сум тетка Нада Симовска, пензиониран педијатар од Пехчево. Животот сакаше сопствено гнездо да изградам во Пехчево, во најубавата општина, со прекрасна природа насекаде околу мене. Отсекогаш уживам во ова мало место, секогаш исполнета, во друштво на прекрасни личности, колеги кои ме ценат, но пипациенти кои имаат доверба во мене.

Сепак, моето вистинско уживање во дружењето секогаш ми е во најубавото село Црник. Убавината на селото доаѓа од мултиетничноста, од меѓусебното почитување, различноста на адетите, од заедничките веселби и стремежи. Секогаш се единствени, спремни да помогнат едни на други, а во селото живеат приближно ист број на Роми и Турци и уште 7-8 македонски семејства.

Често размислувам зошто ги засакав толку лесно ова место. Овие луѓе немаат сила да мразат, непосредни се, искрени и со позитивен светоглед. Мојата професија ми овозможи да им се доближам, да ги запознаам подобро, а и тие да ме почувствуваат како нивна.

Многу приказни од мојата амбуланта не можат да се раскажат со зборови затоа што нема такви зборови да ги опишат, да ги искажат моментите во кои се случуваат. Мојата работа во ЈЗУ Здравствен дом – Пехчево беше во Диспанзерот за доенчиња и мали деца, со советувалиште и вакцини. Сега ќе ви ја раскажам приказната за младата мајка Селвание, која се случи пред неколку години, поточно во 2012-та година. Селвание беше млада мајка, која беше омажена пред да ја дознае смислата на брачниот живот ама се снаоѓаше во таа улога. Го негуваше своето прво бебе како најискусна мајка. Сиромашната соба ја направи да зрачи со топлина, чистота, светлина и мирис на домашно печен леб. Мораше да се грижи за бебето, немаше време да ја  донесе ќерката во Пехчево, а немаше ни пари за превоз. Сопругот  беше невработен и собираше шумски плодови од кои и го издржуваше семејството. Кога проверив дека Селвание доцни за вакцинација на бебето ми беше јасно дека има некој проблем, па затоа не дошла. Следното утро заедно со сестрата отидовме за село Црник. Селото распослано во планинските убавини не пречека, а како од секаде да ечеше „Добро ни дојдовте“. Отидовме кај Селвание. Домаќинката нѐ пречека помалку засрамена затоа што знае дека доцни со вакцината. Нѐ погледна како да згрешила, како да не е добра мајка. Почна да се правда, но на крај кажа: „Тетка Наде, чекаме сопругот да ги продаде печурките кои ги сушиме, па со тие пари да дојдеме на вакцина за Пехчево. Знаеш дека немаме стабилни приходи, а така се живее од сезонска работа. “

Грлото и беше суво. Зборовите беа тешки за една мајка која е уште многу млада, но веќе има искусено горчина во животот. Не се грижи Селва затоа сме ние тука, да го вакцинираме детето. Си заминавме од село Црник, но некако бев мотивирана, како да имав повеќе сила од вообичаено. Се досетив дека имам пријател кој е сменоводител во фирма за обработка на дрва. Го побарав сменоводителот и побарав вработување за сопругот на Селвание. Ми рече дека само што се пензионирале 3 лица од фирмата и му требало добри работници и рече дека ќе го побара.

Месец дена подоцна од НВО „КХАМ“ ме побараа со идеја да соберат потписи за петиција со која ќе побараат да се отвори пункт за имунизација во селото Црник. Согласно законот за права на пациенти ваквата услуга им припаѓало согласно бројот на население и оддалеченоста од Здравствениот дом во Пехчево. Рамо до рамо, заедно со пријателите од НВО „КХАМ“ и петицијата отидовме кај директорот на Здравствениот дом и кај градоначалникот на општината. Наидовме на одобрување од институциите и во 2012-та година го отворивме пунктот за имунизација во село Црник.

По случката со Селвание и отварањето на пунктот на имунизација во село Црник како пензионерка спроведувам проект насловен како „На кафе муабет кај комшиката“. Одиме на гости кај жителите на ова село, разговараме за нивното здравје, ги советуваме, но најважно од сѐ се дружиме. Денес повторно сум во село Црник. Ја гледам Селвание е во дворот и ме вика: „Ела тетка Наде на кафе“. Отидов, сега Селвание има три деца кои весело си играа во дворот.  Се насмевна и ми кажа дека и мажот и сега ќе си дојде од работа. Таму бил многу вреден, многу  го ценеле и напредувал во работата. Ги проверив книшките дали децата се вакцинираат. Сега сѐ е навремено. Си помуабетивме со кафето и си заминав.

Ова е само една од многуте мои позитивни приказни. Ајде на здравје кафето.

 

Нада Симовска,

Педијатар

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »