Не можат да примаат социјална помош затоа што се приматели на родителски додаток за 3-то дете

Салија Бекир Халим – Иницијатива на жени од Шуто Оризари Photo by Kelly Giardina @ Photographers Without Borders
А.Х. е 29 годишна мајка на 5 деца. Живее во Шуто Оризари во куќа од две мали соби и надворешен тоалет. Условите во коишто живеат во куќата се мизерни. Децата се на возраст од: 10, 8, 5, 3 и најмалото дете е 1,5 година. Нејзиниот сопруг со кого живееше во вонбрачна заедница е заминат во неговата матична земја бидејќи не е државјанин на Р. Македонија.
Тригодишниот син пред неколку месеци се онесвести и докторите се сомневаат на епилепсија. А.Х. ја запознавме пред неколку години кога дојде во Младинскиот центар „Сакам да знам“ – Шуто Оризари за бесплатна контарцепција.
При една од нашите теренски посети во нејзиниот дом, ни се пожали за нејзиниот тежок живот и за нејзиниот тригодишен син со кого постојано е на лекарски прегледи. Постојаните анализи и претставуваат голем трошок бидејќи е корисник само на родителски додаток за 3-то дете, па така тие 8.000 денари коишто ги прима најчесто мора да ги прераспредели на луѓето од коишто се позајмува. И така секој месец како бумеранг, децата се гладни и мора да се задоволат со тоа што го имаат. А.Х. редовно се пријавува во Агенцијата за вработување и е активен барател на работа, но никогаш не успеала да најде работа.
За проблемот кој го има со три годишниот син, за кој се сомневаат дека има епилепсија, мислевме да ја советуваме да ги искористи новите измени за бесплатно болничко лекување на децата до 18 годишна возраст, но тогаш наидовме на препрека, бидејќи за да се искористи ова право потребно е да се корисници на социјална помош. Иако А.Х. е корисничка на родителски додаток за 3-то дете таа се наоѓа во социјален ризик, меѓутоа не смее да користи и социјална парична помош и паралелно да прима родителски додаток за 3-то дете.
Искрено, во мојата долгогодишна работа како параправничка на терен доста често наидувам на вакви препреки. Се запрашав како може родител кој е во работен однос и прима плата да може да остварува и родителски додаток за 3-то дете, а додека пак лицата кои се приматели на социјална помош не можат да примаат социјална помош додека го остваруваат правото од законот за заштита на децата?
Досега од мојата теренска работа се имам сретнато со најмалку 10 семејства кои останаа без социјална заштита кога во моментот остварија право на родителски додаток за 3-то дете. Токму на овие семејства кои што се во социјален ризик им е потребна социјална парична помош и заштита.
Со родителскиот додаток за 3-то дете овие семејства нема да престанат да бидат во социјален ризик, бидејќи тие 8.000 денари нема да ги задоволат потребите за прехранување.
Токму затоа, законот за социјална заштита потребно е да се дополни или измени, за лицата и семејствата кои се наоѓаат во социјален ризик да можат непречено да остваруваат и социјална парична помош и родителски додаток за 3-то дете.
Ја оставивме А.Х. без да и помогнеме единствено ја советувавме да дојде со медицинските извештаи од три-годишниот син и потоа да ја разгледаме можноста да побараме „посебен додаток за болно дете“.
Кога ме испрати, (ми се заблагодари, иако не и помогнав) и ми рече:
„Како може жени што работат „богаташки“ земаат пари и за трето дете и работат, а јас иако не работам да не можам социјална помош да земам! Тоа е неправда!“
Салија Бекир Халим
Иницијатива на жени од Шуто Оризари