Нема поголема награда кога од очите на луѓето излегува благодарност

Веќе 45 години сум алка во здравствениот систем и белиот мантил го чувствувам како дел од мојата личност. Љубовта кон медицината, хуманоста и желбата да се помага ја носам со себе уште како дете, кога си играв докторка со моите врсници, дружење во кое никогаш не се делевме по ниту една основа. Заедно јадевме лепчиња со миризливиот ајвар и имавме заеднички соништа да пораснеме и да бидеме важни и корисни луѓе. Некогаш заедно јадевме во дворот кај тетка Џелјана, друг пат кај моите и така заедно растевме и созревавме. Од дете сум воспитана да ги сакам и почитувам сите луѓе подеднакво и истите да ги ценам по тоа колку се трудољубиви, а не по тоа што имаат зад себе или пак што се по националност.

Вработена сум во Центарот за Јавно здравје – Кочани, истурена канцеларија во Делчево. Мојата улога верувам е многу важна од причина што пред сè моја задача е да ги следам состојбите со заразните болести со цел да не се предизвикаат епидемии, да спроведувам превентивни програми од Министерството за здравство и да ја подигам јавната свест кај жителите во Делчево и Македонска каменица да се грижат за сопственото здравје преку навремени контроли, како и користење на тестови и заштита од болести.

Сепак морам да признаам дека кон одредени целни групи мора да се вложуваат дополнителни напори, пред сè заради нивната социо-економска состојба, а со тоа и нивните здрави животни стилови. Токму мојата работа и посветеноста да им се помогне на сите подеднакво ме донесе во секојдневен контакт со ромското население. Заедно со НВО КХАМ организираме едукативни работилници за важноста на имунизацијата и заштитата од заразни болести кај ромското население. Со гордост можам да кажам дека заедничкиот труд и одличната соработка со населението дава резултат и дека опфатот на имунизирани ромски деца во Делчево е највисок на ниво на цела Македонија. Податоците говорат дека опфатот на редовно имунизирани ромски деца во Брегалничкиот регион е 90%. Тоа покажува дека со правилен пристап, едукација која се темели на разбирање на културата и социо-економските услови, љубезен и доверлив однос, може да се постигнат неверојатни резултати. Сепак, сметам дека има уште доста нешта кои мора да се направат, како на пример, дека можеме да постигнеме уште повеќе пред сè во промовирање на скрининзите на рак на дебелото црево и скринингот на простата.

Верувајте, превенцијата е најважна за здравјето и сè што ќе се открие навремено се лекува. Многу ги сакам и теренските посети во ромските маала, одам кога имам време, на тој начин најмногу учам за животот. Со задоволство можам да кажам дека ние во Делчево сме пример за сè, солидарноста е она што нè прави силни и со здрав дух. Многу се радувам и на тоа дека токму мојата идеја за апликација за медицинска опрема, која ја подготвува НВО КХАМ во соработка со Здравствениот дом, за набавка за кардио ехо преку јапонски грант е прифатена и се надевам на успех. Со тоа ќе овозможиме уште подобри услови, здравствена нега и превенција за ромското население, но и за сите граѓани!

За крај, што да кажам на само 7 работни денови пред моето заминување во пензија? Останувам активна и ќе бидам теренски работник, сè со цел да им помогнам на тие на кои помошта им е најпотребна. Сигурна сум дека мојот пример ќе го следат и моите помлади колеги доктори бидејќи нема поголема награда кога од очите на луѓето излегува благодарност. Уште еднаш, доколку сум ви потребна, доколку на некого му е потребна помош, лесно ќе ме најдете бидејќи секогаш сум достапна за вас.

 

Д-р Јелица Стојковска,

Епидемиолог

 

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »