Со огромна желба и храброст успеав да го претворам сонот во реалност

Како секоја млада личност која започнува со стремеж и огромна љубов и желба за реализација на својата животна приказна, така и јас ја започнав сопствената приказна пред сè со огромна желба и мотивираност.

Јас сум Елма Селмани, потекнувам и живеам во Гостивар. Студирав и дипломирав на отсекот по Логопедија при Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментов сум специјализант во втор циклус на студирање односно на постдипломски студии за Клиничка логопедија.

Мојата приказна започна со сонот сонуван уште од малечки нозе. Отсекогаш сонував за бел мантил, за успешно лекување на пациенти, за топла насмевка после подобрување на нивната состојба и за најголемата радост дека јас сум таа која им помогнала да ја надминат лошата состојба. Кога бев дете многу често се разболував, а со самото тоа често и бев во ординацијата на матичниот лекар. Откако ќе бев излекувана се чуствував среќна дека повторно можам да функционирам како и секое друго дете. Оттука почнав да ја сакам професијата во која доминира хуманоста за помош и лекување на луѓе односно зачувување на нивното здравје. Патот на сонот ја доби својата кулминацијата токму тогаш кога средното образование го продолжив во општинското средно медицинско училиште во општината во која живеам.

Со текот на образованието додека ги градев своите знаења, градев пријателства, но наидував и на ситуации кога бев дискриминирана бидејќи сум Ромка. Скоро сите знаеме дека Ромите се препознаваат по тенот на кожата и по многу други слични стереотипи, меѓутоа во мојот случај поради белиот тен на кожата ниту професорите, ниту моите соученици на почетокот не ме перцепираа ниту ме препознаа дека јас сум Ромка. До тој момент бев одлично прифатена, немав никаков проблем во комуникацијата со нив, ниту во совладувањето на материјалот за учење, а сето тоа беше поради тоа што бев прифатена како Македонка.

Тоа траеше до моментот кога случајно низ разговор со мојата другарка дојдов до заклучок дека целата околина не ме перцепира како Ромка, туку како Македонка. Во истиот миг чуствував револт бидејќи мојата личност не се перцепира онаква каква што е. Кога започна часот, професорот влезе на час, јас го замолив пред да започне со часот нешто да кажам. Со можноста за збор која ми ја даде професорот јас со гордост јасно и гласно се претставив и објаснив дека иако мојот тен на кожа не е црн тоа не значи дека јас не сум Ромка, туку напротив јас сум горда со тоа што сум Ромка и дека сакам сите да знаат и да ме перцепираат како таква. Тогаш ја увидов реалноста во која се наоѓам како Ромка и каква е ситуацијата на Ромите во образованието и од тој момент самата на себе си дадов за цел да ја сменам сликата која останатите ја имаат за мојата заедница.

Патот на сонот не запре на таа станица, туку возот продолжи да патува до следната дестинација. Во последните две години од моето средно образование јас почуствував дека мислењата за мене како идивидуа, како и општо за целата ромска заедница почнуваат да се менуваат во позитивна насока, но дека сè уште резултатот е незадоволителен.

Тука би го споделила примерот со професор Ром од моето средно училиште. Кога прв пат влезе во нашата училница бев горда пред сè поради тоа што е Ром и бев среќна поради тоа што увидов дека работите се менуваат на подобро. Мотивацијата и храброста сè повеќе и повеќе ми се зголемуваа од аспект на тоа дека пред мене имам пример на успешен лекар Ром, кој успешно работи како професор и гради позитивна слика за своите Роми. Се прашував себе си дали ќе можам да успеам да се изградам професионално, коректно и еспертски како мојот професор. Ако се обидам, си реков, нема да изгубам.

Со огромна желба и храброст за постигнување на успех, успеав да го претворам сонот во реалност. Сепак, реализацијата ја постигнувам со тоа што сум мотивирана од позитивната слика на мојот идол од каде и црпев позитивен пример како да си ја изградам животната и професионална приказна. Си зададов задача со вложување на труд и со огромна желба да го продолжам патот кој мојот професор Ариф Пини го започна. И јас, како и тој, ќе ја менувам сликата за ромската заедница и ќе работам на подобровуање на здравјето на сите пациенти, но пред сè на пациентите од мојот роден град. Ми причинува задоволство помислата на тоа дека ќе го работам она што отсекогаш го сонував – подобрување на здравјето на сите луѓе, без разлика на етничка или било каква различност.

 

Елма Селмани,

Логопед

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »