Одблиску со Иницијатива на жени од Шуто Оризари

Разговаравме со Салија Бекир Халим, како претставничка од Иницијативата на жени од Шуто Оризари. Таа одблиску ни ја долувува работата на Иницијативата, како и успесите и предизвиците кои се дел од ангажманот за унапредување на репродуктивните и здравствените права на жените од оваа општина.

Нови приказни од амбулантата: Која е Иницијативата на жени од Шуто Оризари, зошто е формирана и за што се залага?

Салија: Иницијативата на жени од Шуто Оризари е формирана пред повеќе од 6 години, таа е резултат на проблемите на жените од Шуто Оризари, меѓу кои е немањето на матичен гинеколог во нашата општина.

Во Иницијативата учествуваат скоро сите жени од Шуто Оризари но, како активистки се девојки-жени кои што се вклучени како параправнички и монитори.

Нови приказни од амбулантата: Што претставуваат параправнички и мониторки? Која е нивната улога?

Салија: Параправнички сме жени од нашата заедница, кои немаме формално правно образование, меѓутоа преку серија на обуки обучени сме да делуваме во неколку области како што се: здравствени права, социјални и семејни права, дискриминација и сексуални и репродуктивни права. Воедно, како параправнички, кога има потреба жените од заедницата ги придружуваме до некоја институција или ординација со цел да им помогнеме при остварувањето на здравствените права кои им следуваат, како и да ја зајакнеме нашата заедница. Исто така, помагаме при пополнување на формулари, жалби, претставки, ургенции итн.

Додека мониторки или теренски работнички, сме исто така жени од самата заедница кои ги информираме и едуцираме бремените жени и жените во репродуктивниот период за тоа кои услуги и прегледи им следуваат. Потешкотиите коишто ги имаат жени тука не натераа да го актуелизираме овој проблем и да покренеме иницијатива за отварање на гинеколошки кабинет кој ќе работи како матичен гинеколог во нашата општина.

Нови приказни од амбулантата: Кога велите потешкотии на жените од Шуто Оризари на што мислите? Дали е тоа потребата од матичен гинеколог во општината и дополнителните проблеми кои произлегуваат од него?

Салија: Токму така, проблемот со гинеколозите не е актуелен само во нашата општина, туку е со поголем опфат. Во Република Македонија се соочуваме со дефицит на гинеколози односно имаме 138 гинеколози на целата територија на државата. Многу често жените од нашата општина, кога се обраќаат за избор на матичен гинеколог во другите поблиски општини, се одбивани од гинеколози со образложение дека нема доволно место и немаат време да ги прегледаат. Меѓутоа, благодарение на медијациските состаноци кои ги одржуваме со некои гинеколози и взаемните придружби со жените се знак за соработка со здравствените институции и подобрување на состојбата.

Нови приказни од амбулантата: Дали жените од општината директно ви се обраќаат за помош?

Салија: Да, доста често жените од општината директно ни се обраќаат кога имаат потреба од дообјаснување за некое право кое сакаат да го остварат. Ние како параправнички и мониторки сме секој ден на терен на територијата на Шуто Оризари и жените самите ни се обраќаат да им помогнеме. Веќе сме препознатливи во нашата заедница.

Нови приказни од амбулантата: Кои позитивни примери на случаи од вашата работа би ги издвоиле?

Салија: Многу е убаво чувството кога има позитивен исход од некој случај и од работата која ја работиш. Само како пример ќе ги издвојам помагањето во изборот на матичен гинеколог на неколку жени, поголемата информираност на самите жени за тоа кои услуги им следуваат, уважувањето на некои од жалбите на луѓето на кои сме им ги напишале, намалената незаконска наплата од страна на матичните гинеколози итн.

Нови приказни од амбулантата: Кое е најголемото достигнување како Иницијатива на жени од Шуто Оризари досега?

Салија: Не можеме да кажеме дека нашата цел е целосно завршена и исполнета, бидејќи сè уште нема матичен гинеколог во нашата општина. Но, сепак Иницијативата во 2014-та година организираше настан и петиција на која се собраа над 2.200 потписи со поддршка од заедницата на барањето за отворање на гинеколошка ординација во општината, петиција која потоа беше предадена на Министерството за здравство. Потоа, спроведовме неколку протестни перформанси пред Министерството за здравство и амбуланатата во Шуто Оризари со цел да се слушне нашиот проблем. Нашите активности и напори беа препознаени од страна на Комитетот за економски, социјални и културни права при ОН во Женева, па така во 2016-та година во препораките кои беа упатени до државата беше напоменато: Државата да ги превземе сите неопходни мерки за зголемување на матичните гинеколози и сите да имаат пристап до матичните гинеколози во нивните општини, а особено се споменува Шуто Оризари. Исто така, Комитетот ја повика Државата веднаш да и стави крај на праксата на незаконската наплата и воедно да следи дали приватните даватели на здравствени услуги ги почитуваат договорите за извршување здравствени услуги.

Тука не запираат активностите на Иницијативата на жени од Шуто Оризари, ние и понатаму ќе продолжиме да се заложуваме за унапредување на здравствените и репродуктивните права на жителите од нашата заедница. Нашите залагања за зајакнување на заедницата за таа сама да се изборува во остварувањето на своите права продолжува.

 

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »