Повеќе од една деценија посветеност на работата на унапредување на здравјето на Ромите
Дипломирав на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година, иако факултетот го запишав со желба за работа со пациенти, сепак по дипломирањето мојата професионална кариера се насочи кон областа на јавното здравје. На оваа одлука кај мене значителни влијание имаше тоа што во последните три години од студиите преку мојот ангажман во повеќе граѓански организации, увидов дека преку работата на полето на јавното здравје може да се помогне на поголеми групи од населението да го заштитат и унапредат своето здравје.
Мојата работа со ромското население за прв пат започна во периодот 2002 – 2003 година кога започнав со одржување на здравствена едукација на млади Роми, на теми од областа на репродуктивно здравје и заштита од ХИВ/СИДА. Во тој период за прв пат имав можност директно да се запознам со проблемите со кои се соочува ромското население по однос на здравјето. Увидов дека сиромаштијата, неповолните услови во кои живеат, недостатокот на здравствена информација и останатите неповолни прилики во значителна мера влијаат врз нивната свесност за потребата за заштита и зачувување на здравјето, односно дека заштитата на здравјето поради останатите проблеми со кои се соочуваат не претставува приоритет за нив.
Потоа од 2004 година започнав да работам во Здружение ЕСЕ на здравствената програма. Имајќи ги во предвид тогашните прилики кога се подготвуваше Декадата за вклучување на Ромите, ние како тим во ЕСЕ одлучивме дека е потребно стратешки да се вклучиме во напорите за унапредување на здравјето на Ромите. Практично од 2004 до денес, со краток прекин, работам на полето на унапредување на здравјето на Ромите и унапредување на пристапот до здравствена заштита. Во овој период често пати имав прилика да разговарам со лица од заедницата и од прва рака да се запознам со нивните проблеми и потреби. Видов како сиромаштијата, несоодветните услови за живеење, невработеноста директно влијае врз нивното здравје и како уште од помлада возраст се соочуваат со бројни хронични здравствени проблеми, кои вообичаено се карактеристични за повозрасно доба. Од друга страна ги слушав и нивните проблеми кога се обраќаат за помош во здравствените установи, од немање на здравствена книшка и здравствено осигурување, немање на средства да платат за партиципација или набавка на лекови, непознавње на своите права, па се до нељубезен однос од страна на дел од здравствениот и останатиот персонал во здравствените установи.
Од друга страна, во целиот овој период преку работата увидов дека за жал државата потфрлува во напорите да го подобри здравјето на ова население, па дури и предвидените активности преку Декадата за вклучување на Ромите и останатите здравствени програми воопшто не резултираа со подобрување на состојбата кај ромското население.
Земајќи го предвид сето тоа, ме мотивираше да останам посветен на работата за унапредувањето на здравјето на Ромите. Меѓутоа, низ годините забележав дека кога јавно се говори за проблемите со кои се соочуваат Ромите по однос на здравјето и здравствената заштита или за неисполнувањето на обврските од страна на државата постои многу мал интерес кај јавноста и медиумите. Бидејќи работам и на полето на унапредување на здравјето на жените и останати категории на население, кога ќе направам споредба, кога се зборува за проблемите на останатите категории на населението се побудува многу поголем интерес како кај медиумите, така и кај јавноста и кај надлежните лица во јавните установи. Од друга страна пак многу често може да се слушне мислењето кај останатото население дека Ромите самите се виновни за состојбата во која се наоѓаат, односно дека не се грижат доволно за своето здравје, дека не одат редовно на лекар и слично. Од сето ова увидов дека всушност, поради тоа што во општата јавност и кај донесувачите на одлуки се уште доминираат овие стереотипи и предрасуди за Ромите, сите залагања на граѓанскиот сектор за подобрување на состојбите кај Ромите и за зголемена отчетност на јавните институции не можат во целост да се исполнат.
Поради сето тоа сметам дека од една страна потребно е континуирано да се зајакнува ромското население за да ги знае и активно да ги бара своите права, меѓутоа многу е важно да се работи и на менување на предрасудите и стереотипите кои постојат за Ромите кај јавноста. Бидејќи очигледно не е доволно само менување на предрасудите и стереотипите кај здравствените работници. Кога целокупното население ќе ги надмине овие стереотипи и предрасуди и кога ќе осознае дека Ромите не по нивна вина имаат полошо здравје и отежнат пристап до здравствени услуги, за разлика од останатите, само тогаш ќе може да се создаде посилен притисок врз донесувачите на одлуки да преземат конкретни мерки и активности за да го подобрат здравјето на Ромите.
Д-р Борјан Павловски,
Координатор на програма – Јавно здравје и здравје на жените
Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ