Позитивната приказна на Д.П. – лице „фантом“ од Гостивар

Според проценките на УНХЦР над 800 лица во Македонија, најголемиот дел Роми, се невидливи за системот. Без матичен број, без лични документи и без државјанство, без здравствено осигурување, без можност за образование и без пристап до правата од социјалната заштита, тие се оставени на милост и немилост. Лицата „фантоми“, како што ги нарекуваат, немаат пристап до ниту едно право, а со тоа тие претставуваат најисклучен дел од општеството кој живее во најдлабока сиромаштија.

Токму затоа, тука се граѓанските организации, кои нудат директни услуги и помагаат на оваа категорија на граѓани во најтешките ситуации. Љатифе Шиковска, од НВО „Амбрела“, е граѓанска активистка, која секојдневно на терен им помага на лицата „фантоми“ да станат видливи за системот, да добијат матичен број, здравствено осигурување, социјална заштита и сето она што им следува како државјани на Р. Македонија. Меѓутоа, додека чекаат да ги добијат личните документи и здравственото осигурување, неретко овие лица имаат потреба од итни хируршки интервенции затоа што нивниот живот е доведен во прашање. Еден таков случај, за „Нови приказни од амбулантата“, Љатифе ни го пренесе директно од терен:

Колегата Мухамед Точи од НВО „Месечина“ од Гостивар ме контактираше и побара од мене да помогнеме за еден итен случај на жена на возраст од 44 години, жена со посебни потреби, за која се грижи нејзината постара сестра.

Имено, Д.П. е лице без лична документација, како и многу други Роми кои немаат документи во Република Македонија и кои при неопходни здравствени интервенции се соочуваат со истите проблеми.

Д.П. имала обилно крварање и болки, поради што ја однеле во болницата во Гостивар како итен случај за да ѝ се укаже лекарска помош. Ја примил гинеколог, ја прегледал и констатирал дека Д.П. има тумор на матката. Гинекологот го известил поблиското семејство дека е потребна хируршка интервенција и дека истата ќе чини 47.000 ден. бидејќи Д.П. немала соодветно здравствено осигурување и легитимација.

Семејството на Д.П. се нашло во безизлезна ситуација затоа што немале пари да ја платат операцијата. Тие живеат од социјална парична помош и биле принудени да побараат од НВО „Месечина“ да им помогнат бидејќи здравствената состојба на Д.П. сѐ повеќе се влошувала.

Додека се обезбедуваа потребните парични средства од страна на НВО „Месечина“, Д.П. беше згрижена и третирана во хируршкиот оддел во болницата во Гостивар, за да се спречи крварењето и да се намалат болките. Медицинската сестра Елвира, заедно со своите колешки неколку дена ја третираа пациентката со потребните лекарства и терапија за намалување на болки.

Во меѓувреме НВО „Месечина“ ги обезбеди потребните парични средства и ја извести главната сестра на гинекологија во Гостивар дека парите потребни за операција на Д.П. се обезбедени.

Откако хирургот во гостиварската болница дозна дека зад случајот стои невладина организација, одби да ја прими и оперира Д.П. со образложение дека случајот е комплициран и дека се потребни дополнителни сложени испитувања. Иако ние се согласивме на сѐ што кажа докторот, да се направат сите потребни понатамошни испитувања, тој сепак одби да ја оперира.

Така влеговме во лавиринтот на доктори кои ја почитуваат Хипократовата заклетва и доктори кои поради различни интереси заборавиле на нејзе и се препуштиле на непочитување на важноста на спасување на човечки животи, во овој случај на животот на жена со посебни потреби.

Состојбата на Д.П. се влошуваше и понатака. Бевме принудени да се обратиме кај друг гинеколог и да побараме упат за ГАК во Скопје.

Додека пациентката во придружба на НВО „Месечина“ се упати кон Скопје, јас го подготвував теренот за прием на пациентката во ГАК. Се упатив во ГАК за да се видам со социјалниот работник, Наде. Во детали ѝ го објаснив случајот, а таа веднаш ги презеде неопходните подготовки за прием на пациентката од Гостивар.

Кога стигна пациентката во ГАК, веднаш се изврши амбулантен преглед од страна на доктор гинеколог. Д.П. поради влошената здравствена состојба беше веднаш примена во болницата. Откако се направија сите потребните испитувања пред оперативниот зафат, после четири дена Д.П. беше успешно оперирана од тумор на матката.

Во оваа прилика изразувам голема благодарност до ГАК во Скопје за разбирањето и за пружената нега, третманот и грижата за Д.П., за сите услуги за кои не беше наплатен ниту еден денар. Исто така, особена благодарност изразувам и до социјалниот работник Наде, која помогна за успешно решавање на овој случај.

Во меѓувреме, од страна на НВО „Месечина“ преку Центарот за социјална работа и МВР Гостивар,  беше покрената постапка за упис на Д.П. во матичната книга на родени. Но, постапката сѐ уште трае и се чека првиот извод на родени за Д.П.

Направените испитувањата во ГАК и добиените резултати, за жал, покажаа дека Д.П., покрај тумор на матката, има и тумор на ‘рбетниот столб и дека е неопходно да се отстрани во Клиниката за хирургија.

Иако пациентката во моментов е во добра здравствена состојба, сепак ја очекува уште една тежок предизвик – отстранување на туморот на ‘рбетниот столб.

 

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »