Пречки при остварувањето на правото на додадок за трето дете ~ Приказната на Р.З. од Шуто Оризари
Ние како теренски работнички и активистки за правата на ромската заедница, работиме на територијата на Шуто Оризари и Топана. Нашите активности се состојат од следење на состојбите при остварувањето на здравствената и социјалната заштита на граѓаните од овие општини, а воедно доколку имаат потреба и да им помогнеме при остварување на некое право преку придружба до одредени институции со цел населението да ги надмине потешкотиите при остварување пристап до субјектите кои одлучуваат за правата.
Во последниот период, од работата на терен забележуваме сѐ повеќе прекршувања во делот на репродуктивните права, односно незаконска наплата од матичните гинеколози. Од последните теренски активности од изминатиот месец го издвојуваме случајот на 26 -годишната Р.З., жена од Шуто Оризари, мајка на три деца. Најстарата ќерка на Р.З. има 5 години, потоа втората ќерка има 3 години и најмалата 7 месеци. Р.З. и нејзиниот сопруг се невработени, но нејзиниот сопруг понекогаш работи како молер за да го издржува семејството. Немаат постојани приходи и се задоволни и ако заработат понекогаш и 1.000 денари месечно.
Р.З. ни раскажа дека за последната (трета) бременост дознала дури кога имала 4 и пол месеци. Веднаш се јавила кај својот матичен гинеколог, кој и потврдил дека е бремена и за тој преглед и наплатил 600 денари. Таа ги направила сите потребни микробиолошки брисеви и ПАП-тест, кои исто така и биле наплатени од страна на матичниот гинеколог, а и следуваат бесплатно согласно Програмата за партиципација во која пишува дека сите анализи во текот на бременоста се бесплатни.
Понатака, Р.З. ни кажа дека за време на истата бременост има направено само два ехо-прегледи и два лабораториски анализи, токму поради немање на финансиски средства да плати кај својот матичен гинеколог. Иако според законот сите услуги кај матичниот гинеколог се бесплатни, Р.З. плаќала кај својот матичен гинеколог секогаш кога ѝ било побарано да плати, иако знаела дека услугите ѝ следуваат бесплатно. Молчела и плаќала бидејќи требало после бременоста да ѝ се издаде потврда за да може да го оствари правото за родителски додаток за трето дете.
За испитувањата во текот на бременоста гинекологот не ѝ дал ниту мајчина книшка туку и рекол: „нема потреба, сега сето тоа оди електронски“. После породувањето, нејзиниот сопруг го посетил гинекологот бидејќи од Центарот за социјални работи им рекле дека матичниот гинеколог е потребно да им издаде потврда во која ќе пишува дека станува збор за редовно контролирана бременост. Гинекологот им дал потврда, но во неа не пишувало дека бременоста била редовно контролирана, туку само дека „пациентката Р.З. е породена со трета бременост“. И оваа потврда им била наплатена 200 денари од страна на матичниот гинеколог. Потврдата не била земена предвид, па затоа сопругот на Р.З. повторно се обратил кај гинекологот, кој овој пат му рекол дека не може да издаде потврда за редовна контролирана бременост бидејќи Р.З. многу доцна се јави на преглед односно дури во 19-та гестациска недела од бременоста.
За жал, Р.З. не го искористи правото на родителски паричен додаток за трето дете од 8.048,00 денари, средства кои би им помогнале да преживеат. Р.З. е само една од многуте жени коишто се чувствуваат изманипулирани. Па така, на заминување со горчина, а помалку и лутина ни рече: „Зарем докторот треба да одлучи дали јас треба да земам пари за трето дете? Зарем не велат на реклама на телевизија дека убаво е да се има трето дете? Само бараат документи и одвај чекаат еден документ да ти фали за да те одбијат.“
Ова не е единствен случај каде жените од нашата општина имаат потешкотии при остварување на родителски додаток за трето дете. Во одделни случаи со наша придружба и добра волја на гинеколозите им помагаме да им се издадат потврдите за редовна контролирана бременост и тие случаи завршуваат позитивно.
Наша препорака до креаторите на политиките и програмите е да се направат механизми за следење на бременоста и да не се остави простор за манипулација, бидејќи електронските мајчини книшки не функционираат, а печатените мајчини книшки не се издаваат.
Нашата препорака од Иницијативата на жени од Шуто Оризари ја пренесовме на последната средба со докторката која е директно вклучена во креирање на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца. Доколку се елиминираат овие препреки, голем број на жени ќе го остварат ова право. Иако станува збор за скромни 8.048,00 денари, сепак овие средства им претставува голема помош при покривање на родителските обврски на многу семејства во социјален ризик.
Салија Бекир Халим,
Параправник