Можам јас, никогаш не се откажувам ~ Приказната за чичко Илми
Достоинствен и горд домаќин секогаш со блага насмевка ги пресретнува добронамерните гости. Челото му е збрчкано, а на образите се гледаат лузните од животот. Маалото уште зборува за чичко Илми од пред 25 години, вреден и силен работник, почитуван од сите во Делчево, на кој му немало рамен во работливоста, но и по истакнатата силна става. Очевидци кажуваа како доброволно останувал на работа секогаш кога билo потребно, но и како со заби кревал цела маса во Ресторанот „Македонија“.
Денес состојбите се сосема различни од пред 20 години. Чичко Илми е жртва на транзицијата, но и на социјалниот систем кој не функционира и кој не ја оправдува дефиницијата дека Р. Македонија е социјална држава. По затвoрањето на фабриките, Илми Ибраимов останува без работа и како и сите почнува да работи за надница. Тешките услови на надничарска работа, работење во најтешки услови, но и годините му го нарушуваат здравјето и го прават неконкурентен на пазарот на труд. Проблем е што и нема ниту работодавачи Роми, па така чичко Илми мора секогаш да работи тоа што сите други го одбиле. Последните 10 години е собирач на секундарни суровини (стара хартија, пластика, старо железо и слично). Работи во најтешки услови изложен на секакви можни болести, незаштитен и без поддршка од никого. Максимална заработувачка од собирањето на овие суровини е 100 денари на ден. Помага и на неговата ќерка, но и на внучето кое некое време живее под покривот на чичко Илми. Сопругата е дијабетичар и потребни се лекарства за кои требаат финансиски средства, но најчесто лековите не ги купуваат да заштедат за млекце за внучето. „Порано имавме козичка која живееше со нас, но сега веќе ја немаме“ – вели Илми.
Што да се каже, колку државата се грижи за луѓето во ризик? Пред 4 години на Илми му беше укината социјалната помош затоа што аплицирал со стара/истечена лична карта. Така и ќерка му ја загуби средношколската стипедија. И затоа чичко Илми вели: Санела чедо, пренеси ја мојата приказна за да ми се најде решение. Јас ќе работам додека ме држи снагата, ама ми е страв дека не можам да заработам доволно за моите блиски да имаат барем за преживување. Многупати сте ми помогнале, но јас барам трајно решение, ваше е да се борите оти во вас веруваме како КХАМ, како ,,Ромската организација“.
Потоа го подигна челото и неговиот поглед се насочи кон небото. Како ранет орел со скршено крило бараше мир длабоко во својата душа. Го сфатив погледот и ги проголтав солзите кои веќе ми беа во грлото и си реков ќе продолжам со својата работа за чичко Илми и многу други кои ја делат неговата судбина.
Судбината на Илми Ибраимов ја делат уште 5 собирачи на секундарна суровина во Делчево. Се разбира дека има решение. Постојат повеќе програми кои ги има и во Оперативниот план за вработување. Доволно е истите да се применат за лицата кои се над 55 години, тешко вработливи и истите да се применат и за овие собирачи кои можат и да се здружат, а за нивниот бизнис да добијат ментор кој ќе им помогне во организирање на бизнисот. Исто така, кога веќе ќе се во системот истите ќе подлежат на заштита при работа и редовни бесплатни медицински прегледи на 4 месеци.
Она што е потребно е државата да има слух за луѓето во социјален ризик. Чичко Илми рече не се предавам, ќе чекам деца мили…
Санела Абдулова
Координатор на проект, КХАМ – Делчево