Проблемите со кои се соочуваат Ромите за кои мора да зборуваме
Сиромаштијата е реалност за најголем дел од граѓаните на Шуто Оризари – ова се потврдува со видот на правни услуги кои клиентите ги побарале од сервисот „правна помош” на ХЕРА, во состав на Младинскиот центар „Сакам да знам”, лоциран во самата општина. Правата од социјална заштита, а особено паричните надоместоци (социјална парична помош и постојана парична помош) се најчеста причина граѓанинот од Шуто Оризари да се обрати за правен совет или преземање на конкретни дејствија во постапка за остварување или за задржување на овие права. За да се оствари здравствена заштита како примарна потреба на секој човек, основен предуслов е материјалното зајакнување.
Ромите сè уште се далечни од институциите. Поради страв од можна дискриминација, ретко сами се обраќаат до истите, а многу почесто, помошта ја бараат од невладините организации кои бесплатно им ја нудат. Понекогаш лица од невладините организации ги придружуваат во државните институции и имаат улога на медијатори со разни даватели на услуги, разрешувајќи ги конфликтите, кои поради културните разлики често се јавуваат, а институциите не се трудат да ги надминат.
Впрочем, социјалниот ризик на Ромите од Шуто Оризари е резултат на повеќе фактори, а тие се толку испреплетени, па и нивното надминување мора да биде сеопфатно. Така, имајќи предвид дека малолетничките бракови се во голем број, се појавуваат нерешените прашања за старателството врз децата, што пак од друга страна често доведува до неможност да се оствари здравствено осигурување, а тоа дополнително го зголемува социјалниот ризик во семејството.
Доближувањето на Ромите до институциите и јакнењето на свесноста за нивните права, ќе биде возможно доколку се искоренат предрасудите, а со тоа и сè уште присутната дискриминација кон нив. Овде особено ја издвојуваме дискриминацијата на Ромките при остварувањето на нивните репродуктивни права. Освен отсуството на матичен гинеколог во Шуто Оризари, тие често се соочуваат со дискриминација од страна на гинеколозите од околните општини. Самата локациска оддалеченост на најблискиот гинеколог и стравот од можна дискриминација кај истиот поради претходни непријатни искуства, ги одвраќа Ромките од остварувањето на здравствена заштита. Во Шуто Оризари голем дел од бремените Ромки остануваат непосетени од патронажна служба, а не ретко деца се раѓаат и во домашни услови, без никаква лекарска грижа. Тоа пак, освен здравствени ризици, носи и проблеми со уписот на децата во матичната книга на родените, што е основен предуслов за остварување на нивните права подоцна.
Исто така, општ проблем кој дополнително го загрозува репродуктивното здравје на Ромките е незаконската наплата на гинеколошки услуги од страна на приватни здравствени установи. Иако ова е проблем за населението генерално, сепак, најсилно го чувствуваат материјално најзагрозените граѓанки на Шуто Оризари. Индивидуалните претставки до надлежните институции се поднесуваат во голем број, но сепак, проблемот и понатаму останува. Кога сите овие околности ќе се спојат, илузорно е да се зборува за репродуктивно здравје и права.
Пропустите на институциите ги решаваат невладините организации кои низ различни едукации и стручна помош им помагаат и ги јакнат граѓаните во повеќе аспекти од нивниот живот. Но, пристапот до институциите треба да биде еднаков за сите граѓани – не само декларативно, туку и фактички, а за да се постигне тоа, потребна е поголема и сеопфатна институционална заложба.