Работата на Здружение ЕСЕ на унапредување на здравјето и пристапот до здравствена заштита за ромската заедница

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ започна со работа на полето на унапредување на здравјето на Ромите од 2004 година. Првичната работа на ова поле беше фокусирана на здравствена едукација на населението и обезбедување на директни услуги со цел Ромите да можат да го остварат правото на здравствено осигурување. На таа работа се надоврза застапувањето за зголемен опфат на Ромите со здравствено осигурување, преку вклучување на широка група на релевантни актери од граѓанскиот сектор и владините институции.

Во тој период (2004 – 2006 година) работата на ЕСЕ беше претежно фокусирана на обезбедување на правото на здравствено осигурување бидејќи недоволниот опфат на Ромите со здравствено осигурување беше еден од клучните проблеми со кои Ромите се соочуваа во пристапот кон здравствената заштита.

Во периодот од 2006 до 2008 година нашата работа ја посветивме и на јакнење на капацитетите на ромските граѓански организации за работа на полето на унапредување на здравјето и пристапот до здравствената заштита. Оваа заложба беше особено значајна бидејќи во тој период многу мал број на ромски граѓански организации работеа на полето на здравство. Водени од проблемите и потребите на ромската заедница, од 2009 година започнавме со работа на полето на унапредување на здравјето и пристапот до здравствените услуги за мајките и децата од ромската заедница, а потоа и на унапредување на женското репродуктивно здравје на жената Ромка.

Од 2009 година започнавме со користење на методологијата на мониторинг и анализа на буџети со цел унапредување на здравствената заштита за мајките и децата од ромската заедница. Преку користењето на оваа методологија пропратена со застапување, Министерството за здравство за прв пат во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во 2011 година усвои специфични мерки за унапредување на здравствената заштита на мајките и децата од ромските заедници и алоцираше буџетски средства за имплементација на мерките.

За да спроведеме мониторинг на имплементацијата на овие мерки од 2011 година до денес во партнерство со ромските граѓански  организации ЦДРИМ, КХАМ и ИРИЗ ја применуваме и методологијата на мониторинг на заедницата. Преку оваа методологија не само што ја мониторираме имплементацијата на мерките, туку и ја зајакнуваме заедницата, во однос на нивните права од здравствената заштита, конкретно превентивната здравствена заштита на мајките и децата.

Од 2014 година методологијата на мониторинг на заедницата ја проширивме и на полето на превентивна гинеколошка здравствена заштита за жените Ромки. Работата на полето на унапредување на здравјето на жените, мајките и децата во ромските заедници од 2013 година ја зајакнавме и преку методологијата на социјална ревизија, која исто така овозможува мониторинг на спроведувањето на превентивната здравствена заштита во ромските заедници. При застапувањето за промени и унапредување на обезбедувањето на здравствената заштита ги користиме наодите од различните методологии на социјална отчетност: мониторингот и анализата на буџети, мониторингот во заедницата и социјалната ревизија. Исто така, заедницата активно се вклучува во застапувањето и во барањата за унапредување на состојбите. Сето ова ни овозможува да спроведеме застапување базирано на докази и на реалните потреби на заедницата.

Од 2011 година до денес во партнерство со граѓанските ромски организации ЦДРИМ, КХАМ и ИРИЗ обезбедуваме параправна помош за ромската заедница, со цел остварување на нивните права од областа на здравствената заштита. При оваа работа им се нуди директна помош и поддршка на лицата од ромската заедница кои треба да остварат одредено право од здравствената заштита или пак кои се соочиле со одредени проблеми и потешкотии во системот на здравствена заштита.

Од 2016 година, во соработка со партнерските ромски организации започнавме со интегриран пристап во работата во ромските заедници, преку спојување на методологиите на социјална отчетност и правно описменување и зајакнување- обезбедување на параправна помош.

Во целата оваа работа Здружение ЕСЕ обезбедува експертска и техничка поддршка на ромските партнерски организации во смисла на: подготовка на методологијата на работа, јакнење на капацитетите на ромските граѓански организации, спроведување на мониторинг и евалуација и помош и поддршка при спроведување на одредени активности.

Главна придобивка од спроведувањето на овие методологии е што се јакне заедницата по однос на нивните права од областа на здравствената заштита и воедно се поттикнува заеднината сама да се застапува и активно да ги бара своите права. Исто така, преку оваа работа се адресираат проблемите на ниво на заедница, како и проблемите кои произлегуваат од  национално ниво. Веруваме дека на овој начин ќе постигнеме унапредување на здравјето и остварување на здравствените права на Ромите кои живеат во најмаргинализираните ромски заедници.

 

Д-р Борјан Павловски

Координатор на програма

Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »